Потенцијални ѕвезди на ЕУРО 2012

На Европското првенство во Полска и Украина ќе настапат скоро сите најголеми фудбалски ѕвезди на стариот континент, но и помлади фудбалери кои имаат потенцијал да блеснат и да го искористат ова натпреварување за пробивање кон врвот. Ова се дел од нив.

Андре Шурле (Германија)

Шурле имаше одлична сезона за Баер Леверкузен по неговиот трансфер од Мајнц. За Мајнц играше како напаѓач, а во Леверкузен се истакна со своите дриблинзи и организација на играта од крилната позиција. Тој постигна седум гола и шест пати асистираше по што го привлече вниманието од неколку клубови, а меѓу нив е и европскиот шампион Челси.

Марко Ројс (Германија)

Ројс постигна 18 голови и асистираше при постигнувањето на 12 погодоци со што беше најзаслужен за успехот на Борусија Менхенгладбах. Неговиот клуб од кандидат за испаѓање заврши на четвртата позиција, а тој направи трансфер во германскиот шампион Борусија Дортмунд.

Оливие Жиру (Франција)

Корпулентниот напаѓач од Монпеље оваа сезона со 21 гол на 33 натпревари беше најдобар стрелец во француската лига. Баерн Минхен веќе се заинтересира за неговите услуги, но неговиот клуб очекува од него да блесне на Европското првенство по што неговата цена би се покачила на 60 милиони евра.

Кристијан Ериксен (Данска)

Играчот од средниот ред на Ајакс е главен плејмејкер во неговиот клуб и асистираше на 15 голови на 31 натпревар. Ериксен е прогласен за најдобар фудбалер во Данска за 2011 и веќе го прогласија за наследник на Михаел Лаудруп. За неговите услуги се заинтересираа Манчестер Јунајтед и Арсенал.

Расмус Елм (Шведска)

Шведска не е репрезентација од која се очекува успех на Европското првенство, но еден фудбалер од нивната репрезентација има потенцијал да ги фрли во сенка големите ѕвезди. Расмус Елм игра во средниот ред и оваа сезона постигна 12 гола за АЗ Алкмар, а по ЕУРО 2012 се очекува да направи трансфер во некој од големите европски клубови.

Роберт Левандовски (Полска)

Главната трансфер цел на Алекс Фергусон беше прв стрелец за германскиот шампион оваа сезона. Фудбалските експерти очекуваат Роберт Левандовски да блесне на Европското првенство со репрезентацијата на Полска на домашен терен.

Жоао Мутињо (Португалија)

Мутињо има 25 години и се досега беше во втор план кај Португалците, но по двете одлични сезони за Порто, на ова Европско првенство се очекува тој да биде главен организатор во репрезентацијата на Португалија.

Клаудио Маркизио (Италија)

Маркизио беше дел од непобедливиот тим на Јувентус во сезоната 2011/12 и ги доби најдобрите критики од италијанските медиуми и фудбалски експерти. Заедно со Андреа Пирло, селекторот Прандели ќе се обиде со Маркизио да го реплицира шампионскиот среден ред на Јувентус и во репрезентацијата на Италија.

Алан Џагоев (Русија)

Младиот фудбалер од средниот ред на ЦСКА во квалификациите постигна четири голови на осум натпревари и веќе има огромно интернационално искуство успешно натпреварувајќи се со неговиот тим во Лигата на шампиони. Русија се падна во најлесната група па Џагоев не би требало да има поголеми проблеми за да се истакне помеѓу неговите противници.

6 јуни 2012 - 12:31