Точно е дека за Јувентус тоа финале беше многу тешко, затоа што за противник го имаше Ајакс со една од најсилните генерации, кој една година претходно го скроти Милан во финале и ја освои тројната круна.
Држеа страшна форма во ЛШ од 20 натпревари без пораз. Токму Ајакс го совлада Јуве во своето прво финале од ЛШ во 1973-та кога Кројф го одигра последниот меч за тимот од Амстердам.
Но ова се веќе сосема други времиња, односно 22 мај 1996, стадион Олимпико во Рим.
Толку беа убедени во победа и полни со самодоверба, што Ван Гал пред мечот изјави:
„Не знам кој ќе го освои финалето, но знам дека пехарот ќе се врати во нашиот авион“.
На терен тоа не го докажаа.
Им ја проучував играта. Дефанзивците беа премногу сигурни во себе, изјави Раванели кој во 13-та минута искористи една неодлучност меѓу Ван Дер Сар, потоа иден голман на Јуве и Франк Де Бур.
Топката ја смести во гол од речиси мртов агол, а адвокатот Ањели сметаше дека не е влезена, додека неговиот внук Андреа, тогаш уште мал, беше убеден дека е гол.
Ајакс и покрај тоа што беше актуелен шампион на Европа, во тоа финале не пружи кој знае каква партија, но го имаа Литманен кој им беше најопасен таа ноќ. Во 41-ва минута го совлада Перуци.
12 години претходно ова славно голманско име беше собирач на топки и тоа на истиот Олимпико за време на финалето меѓу Рома и Ливерпул.
И тоа и ова финале се одлучуваа на пенали. Како шести изведувач беше избран Виали, кој можеби беше среќен што не дојде на ред, бидејќи на истиот стадион претходно промаши два пенали. Прво на СП 1990 против САД и потоа против Рома во 1993-та.
Липи не го одбра меѓу изведувачите младиот Дел Пјеро, туку стрелци беа дефанзивците Ферара и Песото и нововлезените Падовано и Југовиќ. Србинот влезе на местото на Антонио Конте кој се повреди и го пропушти Европското следниот месец.
Од Холанѓаните промашија двајца, Силој и Давидс, уште едно познато име кое потоа ќе го облече црно белиот дрес.
За Јуве тоа беше втор трофеј во ЛШ, кој многумина го сметаа за прв.
„Го чекавме долго овој момент, затоа што финалето во 1985-та никогаш не го сметаме за вистинска победа поради трагедијата во Хејсел“, изјави потпретседателот Бетега.