Посакувавме бод, но жалиме за пропуштена победа

По уште еден одлично одигран натпревар од фудбалската репрезентација на Македонија со две пропуштени 100% шанси и погодена статива, можеме да жалиме за пропуштената победа над Шкотска откако повторно бевме казнети за едно невнимание во одбраната.

Доколку некој ни понудеше бод од Глазгов пред почетокот на натпреварот, тогаш сигурно веднаш ќе го прифатевме. Но по прикажата храбра игра од страна на пулените на Чеде можеме само да жалиме за пропуштените шанси и за невниманието кое не чинеше победа.

Селекторот Чедомир Јаневски се реши за истата тактика, но со само една промена во стартниот состав на македонската репрезентација во однос на натпреварот со Хрватска. На местото на Стевица Ристиќ помеѓу стартните 11 се најде Мирко Ивановски.

Македонската репрезентација започна офанзивно и направи притисок кон домашниот гол уште од стартот.

Првата поголема шанса се случи во седмата минута кога по мешаница во шестнаесетникот беше проигран Тричковски чиј удар беше изблокиран и заврши крај стативата.

Во десетата минута Георгиевски направи одличен продор по десната страна, но центрираше превисоко.

Шкотскиот гол во овие моменти висеше во воздух и веќе во 11-та минута се затресе мрежата на Мекгрегор. Тричковски влезе во шестнаесетникот од левата страна и испрати ниска топка пред голот каде Николче Новески од офсајд позиција ја доведе Македонија во водство.

Нашите фудбалери продолжија да ја контролираат играта и во продолжението, а во 30-та минута имавме и 100% шанса за зголемување на водството. Пандев успеа да се ослободи од своите чувари и го проигра Ибраими во шестаесетникот кој се најде очи во очи со Мекрегор, но шкотскиот голман го одбрани неговиот удар.

И повторно како и на натпреварот со Хрватска по нашите неискористени шанси и едно наше невнимание во одбраната веднаш стигна казната. По неуспешна офсајд стапица Шиков не успеа да пресече топка која дојде до Меки, а тој ја сврте до Кени Милер на кого не му беше тешко да го совлада Богатинов на две минути пред крајот на полувремето.

По десет минути во второто полувреме Пандев повлече контра напад и испрати долга топка кон Ибраими, а тој додаде до Георгиевски во шестнаесетникот, но голманот Мекгрегор повторно беше поуспешен.

Веќе во следниот напад повторно имавме шанса за ново водство кога Хасани испрати силен удар од 20 метри и ја погоди стативата од голот на Шкотска.

Во 72-та минута Македонија имаше уште една огромна шанса за гол. Пандев повторно одлично го пронајде Ивановски кој исто како и Ибраими во првото полувреме, се најде сам пред шкотскиот голман, но и овој пат Мекгрегор го одбрани ударот.

До крајот на натпреварот нашите фудбалери умешно ја контролираа играта и не им дозволија на домаќините посериозно да се заканат кон голот на Богатинов.

Следат два тешки дуели со Хрватска и Србија, но по она што деновиве го видовме од нашите фудбалери тогаш со право можеме да очекуваме поволни резултати. На 12 октомври ја пречекуваме Хрватска, а четири денови подоцна во Скопје ќе се сретнеме со Србија.