Пораз од Белорусија за крај на сонот Франција 2016

Македонската фудбалската репрезентација го доживеа и четвртиот пораз во квалификациите за ЕП 2016 година. Како по обичај, водевме 1-0 и на крајот загубивме 1-2. Пачовски го одигра најдобриот натпревар, но не можеше сам.

Двете селекции резервирано го почнаа мечот, со класично одмерување на силите, а гостите од стартот се решија за дефанзивна варијанта. Тоа го искористија нашите фудбалери на кои им требаше девет минути да го отворат противникот.

По неколку кратки додавања пред гостинскиот гол, Александар Трајковски распали од 20-ина метри за водство од 1-0 и радост меѓу 3.000 гледачи на Филип Втори. Совршен почеток за избраниците на селекторот Бошко Ѓуровски, кој вечерва се одлучи да заигра со „лажна деветка“, без класичен напаѓач и Трајковски, Ибраими и Абдурахими како офанзивни играчи.

По водството, Македонија им ја препушти иницијативата на Белорусите и се обиде преку контри да го загрози голот на Јури Жевнов.

Во 30' минута, Артим Положани поради повреда мораше да го напушти теренот, а тревникот на Филип Втори арената за прв пат го почувствува дебитантот Енис Барди кој влезе на негово место.

Кога се чинеше дека избраниците на Бошко Ѓуровски ја имаат контролата над мечот, стигна студен туш во 44. минута. По еден бавен напад, Белорусите израмнија преку Тимофеј Калачев кој лесно го матираше Томе Пачовски. Тогаш на Филип Втори се слушнаа и околу 60-ината белоруски навивачи.

За разлика од првиот дел, второто полувреме се отвори со шанси на двете страни. Најпрвин Сергеј Корниленко за малку ќе им донесеше предност на Белорусите, за минута подоцна Абдурахими да го загрее Жевнов со силен удар. Томе Пачовски нè спасуваше и во 54' минута кога фудбалерот на Рубин Казан, Кисљак шутираше од непосредна близина, но капитенот го сочува својот гол.

Охрабрени од двете сериозни прилики, Белорусите тргнаа по целосен пресврт и тоа им успеа на 10 минути пред крајот кога Сергеј Корниленко им донесе на гостите 1-2.  До крајот, Пачовски спаси уште поубедлив пораз, по шутот на Кисљак.

Со овој пораз, нашата фудбалска репрезентација речиси и да ги загуби  шансите за третото место кое води во баражот за пласман на ЕП Франција 2016.

Квалификации за ЕП 2016 (5. коло)

Група Ц

Македонија - Белорусија 1:2
Словачка - Луксембург 3:0
Шпанија - Украина 1:0

Табела:

1. Словачка 15
2. Шпанија 12
3. Украина 9
4. Белорусија 4
5. Македонија 3
6. Луксембург 1