Макаби без тренер поради воениот конфликт

Актуелната безбедносна ситуација во Израел го примора шпанскиот тренер Оскар Гарсија да го напушти кормилото на клубот од Тел Авив.

Во текот на претходните денови беше одложен почетокот на фудбалскиот шампионат на Израел, кој својот старт ќе го има во зависност од настаните во Газа.
 
Отворањето на израелската Премиер лига беше предвидено за минатиот петок, кога колото требаше да го отворат Хапоел Тел Авив и Макаби Нетања.
 
Но по наредбата од израелската армија да се одложат сите манифестации на 80 километри од границата со Газа, фудбалската федерација на Израел реши да го пролонгира почетокот на првенството. Закани за напади на стадионите стигнаа и од Абу Обеида, портпаролот на војската на Хамас.

Последната епизода во тамошниот фудбал се случи доцна синоќа, кога тренерот на Макаби Тел Авив, Оскар Гарсија дал отказ и одлучил да ја напушти земјата во која нема доволна безбедност.
 
На негово место доаѓа Пако Ајестаран, поранешниот помошник на Рафа Бенитез во Ливерпул и Валенсија.
 
Инаку, Гарсија годинава се врати во Макаби Тел Авив, откако во сезоната 2012/12 ја водеше „Гордоста на Израел“.
 
Отказот на Гарсија доаѓа на само ден пред реванш натпреварот од ЛЕ против грчкиот Астерас Триполис, дуел кој ќе се одигра на неутрален терен во кипарскиот град Ларнака.
27 август 2014 - 10:18