На 10. јуни (среда) во шпанската Лига 2 фудбалерите на Рајо Ваљекано и Албасете ќе истрчаат само 45 минути, за да го доиграат натпреварот кој беше прекинат на полувреме лани поради тоа што навивачите на Рајо непрестано го навредуваа гостинскиот фудбалер Роман Зузулија.
Зузулија е Украинец познат по активното учество и поддршка на десничарските партии во својата земја. Тој има неколку фотографии со украински паравоени здруженија, а како што навивачите на Рајо важат за најлевичарски во цела Шпанија, Зузулија беше мета на напади.
Во 2017-та година тој од Бетис требаше да потпише со клубот од предградието на Мадрид, но навивачите го спречија овој трансфер.
После извесно време Зузулија потпиша со Албасете и за неколку недели го чекаше дуел со Рајо на гости.
Уште од стартот на мечот домашните навивачи го навредуваа, па судијата реши да го прекине мечот на неколку пати. Публиката не се смири и не прекина, па арбитарот одлучи да стави крај.
Рајо беше казнет со 18.000 евра и затворање на дел од трибината во следните пар кола, но сега и онака во Шпанија нема да има гледачи поради мерките во борба против коронавирусот.
Ова значи дека после повеќе од 6 месеци, Рајо Ваљекано и Албасете ќе го доиграат второто полувреме од својот меч. Во Шпанија е предвидено да има фудбал речиси 32 дена по ред за да се доиграат преостанатите кола од сезоната 2019/2020.
Интересно, ова ќе биде нов рекорд за најдолга пауза меѓу две полувремиња. Претходниот рекорд го држеле Ердри и Странраер во Шкотскиот Куп кога мечот поради лошо време бил одложуван дури 33 пати за еден месец.