Полски голман постави луд рекорд во Серија А против Аталанта

Емполи грчевито се бори за опстанок во Серија А, а во понеделникот вечер голманот Бартломеј Дронговски им донесе драгоцен бод против Аталанта (0:0) на гости. Тимот од Бергамо имаше 32 шута од кои дури 18 во рамки на голот на Емполи!

После 32 кола во италијанското првенство, не се знаат уште патниците во еврокуповите, екипите кои ќе испаднат и оние кои ќе опстанат.

На 4 место кое води во Лигата на шампионите, во моментов е Милан со 55 бода, 1 повеќе од Рома. Аталанта е 6-та со 53, Торино е 7-ми со 50, а Лацио 8-ми со 49 но и меч помалку (против Удинезе во среда од 19).

Тимот предводен од Гасперини го има најефикасниот напад во лигата после Јувентус. Бергамашите дадоа 64 гола, а Роналдо и компанија имаат само еден повеќе. За очекување беше синоќа против Емполи да развалат Иличиќ, Папу Гомез, Дуван Запата, но пред нив се испречи младиот полски голман Бартломеј Дронговски (роден 1997, има 21 година).

Домаќините имаа 47 обиди од кои лидерот на тимот, Алехандро Папу Гомез имаше 9 удари. Словенецот Иличиќ 8 пати шутираше кон или вон рамките од голот, а Колумбиецот Дуван Запата 7 пати.

18 шута биле кон голот, 18 надвор од рамките на голот, а 11 биле блокирани. Дронговски одбранил дури 18 шута на Аталанта кон неговиот гол!

Толку шута кон еден гол во Серија А немало од сезоната 2016/2017, но главно прашање е дали во историјата на Серија А имало случај кога од 47 обиди, ниеден не завршил во мрежата.

ХЕРОЈОТ ОД ПОЛСКА

Јунак на вечерта беше голманот на Емполи - Бартломеј Дронговски кој имал 17 одбрани и едно „боксување“ на топка. Ова е рекорд меѓу голманите во Серија А откако се мери детална статистика (од 2004-та година). Дронговски е само втор голман кој добил оценка 10 од реномираниот Whoscored (прв беше Холанѓанецот Тим Крул после мечот Њукасл - Тотенхем пред неколку сезони).

Дронговски е инаку позајмен голман во Емполи од Фиорентина каде не доби многу шанса да брани откако во 2016-та дојде од Јагелонија (само 9 меча за три сезони во Фиренца).

Очекувано е што рекордот по бројот на упатени шутеви кон противнички гол го постави Аталанта која сезонава е втора екипа во Серија А по бројот на удари кон противнички гол (17,3 во просек по натпревар). Подобар учинок има само Наполи кој шутира во просек по 18,2 пати по натпревар.

„Не нè посака и жалиме за резултатот. Имавме пар одлични шанси веќе после десет минути игра. Но такви вечери се случуваат во фудбалот“, рекол Гасеприни.

Се случуваат? Еднаш во сто години, би рекле статистичарите.