Кога Матијас де Лихт ја натскока одбраната на Јуве и го елиминираше од четвртфиналето во ЛШ, по два дена излезе информација дека и тој како Френки де Јонг ќе ги пакува куферите за Барселона.
Но малиот демантираше и сега гласините драстично се променија. Де Лихт е пред потпис во Јуве и тоа се зборува дека преговорите се при крај. Во игра се јаки пари: трансфер меѓу 60 и 80 милиони евра и годишна плата од 12 милиони евра, со што би станал втор најскап фудбалер во Серија А.
Според некои италијански медиуми, Јуве не почнал да работи на трансферот откако младиот стопер ги уништи во нокаут фазата, туку порано. Тој заедно со семејството наводно уште во јануари биле во Торино на средба со управата, а од тогаш контактите ги одржувал потпретседателот Павел Недвед.
Најголемиот италијански инсајдер, Џанлука ди Марцио, тврди дека капитенот на Ајакс го посетил тренинг центарот на Јуве уште во јуни минатата година, но тоа се чувало во голема тајност.
Ова златно момче, единствено со капитенска лента во нокаут фаза од ЛШ на 19 години, како и најмлад играч на Ајакс кој стигнал до 100 меча, за малку не запливал во други спортски води.
Мајка му Вивијан и татко му Франк се тенисери, а семејната традиција требал да ја продолжи и нивниот син. Матијас го фатил рекетот на 6 години, но откако пријател го поканил да се проба во фудбалска школа, со тоа практично му го сменил животот.
Де Лихт е роден во Лејдердорп, село на неколку километри од Утрехт, а фудбалските чекори ги направил во локален клуб од тој крај. Потоа почнал да тренира во Ајакс на 9 години.
Инаку во Ајакс стартувал како играч од среден ред, бидејќи менторите сакале да му помогнат да развие брзина и во трчање и во размислување, но по една година го враќаат во одбраната и од тогаш не се мрда од таму.
Го викале „дебел“ затоа што имал вишок килограми кои брзо ги скинал. Ретко кој друг играч на таква одговорна позиција може да се пофали дека така брзо напредувал како младинец, особено во клуб од рангот на Ајакс.
На само 17 години дебитирал за првиот тим на куп натпревар и потоа по кусо време добил шанса и во Лига Европа, каде постигнал гол и станал втор најмлад стрелец во историјата на клубот после Кларенс Сидорф.
Развојот му одел брзо и незапирливо и неколку месеци подоцна веќе стана симбол на Ајакс и еден од најперспективните дефанзивци во Европа. Поддршка во кариерата има и од девојка му Анеке Моленар, ќерка на поранешен играч на Ајакс.
„Токму таткото на девојка му беше еден од првите кои веруваа во Де Лихт. Матијас е многу зрел за неговата возраст. Има тело на 24 годишник“, изјави директорот на Ајакс, Ван Дер Сар кој оди со следниве пофалби:
„Силен е со двете нозе, одличен во додавањата, удира добро со глава, знае да даде гол и е вистински лидер уште од 18 години“.
Неговиот поранешен колега Макс Вебер за него вели:
„Пред секој натпревар ги посматра внимателно соиграчите за да се осигура дека сите се фокусирани и концентрирани да дадат сè на терен“.
Матијас де Лихт е висок 188см, физички одлично спремен и технички како играч од среден ред. Со неговата елеганција и класа роден е да биде лидер. Не е многу брз, но одлично се позиционира и предвреме ги чита акциите. Карактеристики со кои им набива страв на противниците.
Колку само свежина и дополнителна стабилност ќе добие Јувентус во одбрана ако успеат да го официјализираат овој трансфер кој многу смрди деновиве.
Да се потсетиме што му направи на веројатно неговиот иден клуб.