Горан Пандев и Рафаел Бенитез немаа добар однос уште кога Шпанецот беше тренер на Интер, а нивната конфронтација продолжи и во Наполи.
Доскорешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација во интервју за италијанскиот магазин Il Mattino го означи Бенитез дека е виновник за неуспехот на италијанскиот клуб во плејофот за Лигата на шампионите.
„Кога пред три години дојдов во Наполи, наидов на одлична група која што бележеше добри резултати. Со Валтер Мацари (сега во Интер), го освоивме второто место и обезбедивме директен пласман во шампионската лига. Во последната сезона завршивме трети и клубот нема да учествува во натпреварите по групи од ЛШ, а вие погодете сами кој е виновен.“, вели Пандев.
Како што во Милано остана во добри односи со клупското раководство на Интер, Пандев пријателски се поздравил и со управата на Наполи.
„Фактите велат дека по заминувањето на Мацари, хармонијата во екипата не беше како претходно. Си заминаа Канаваро и Бехрами, потоа Ревеље а сега јас и Џемаили. На клубот му посакувам сè најдобро во новата сезона и би сакал да ја освои титулата, затоа што наполитанскиот народ тоа го заслужува. Јас освоив титула со Интер и знам какво е чувството. Сега сакам истото да го повторам со Галатасарај“- заклучува Пандев, кој во клубот од Истанбул ќе го носи омилениот број 19.