Вардар – Црвена Ѕвезда или Вардар – Партизан на Филип Втори како ви звучи? Оваа желба сигурно дека ја посакуваат многу македонски навивачи кои по повеќе од две децении повторно би гледале големи дерби мечеви на кoи би гостувале најславните хрватски, српски и останати силни екипи од регионот.
За оваа идеја која претседателот на ФФМ Илчо Герогиевски и неговите колеги од Балканот ја начнаа минатата година долго време се зборува, но никако да се реализира. Доколку се направи план и стратегија за такво нешто, поддршка ќе даде и Европската куќа на фудбалот.
„Ја поддржувам идејата за формирање на регионална лига на Балканот. Од тоа националните лиги ќе имаат финансиски ќар. Не гледам причина да не се направи такво нешто, но прашање е само колку се фудбалските федерации подготвени за такво нешто", вели поранешниот француски фудбалер.
Првиот човек на УЕФА за српските медуми зборуваше и за актуелните трансфер политики на клубовите и жестоко го искритикува начинот на кој во денешно време функционираат трансферите на играчите.
„Ова што се случува не е нормално, ова е грабеж. Пред 30 години кога Марадона направи трансфер за 5 милиони во медиумите се пишуваше дали е тоа многу или не за еден играч. Денеска зборуваме за едно сосема поинакво време во кое се трошат астрономски суми на пари за играчи. Додека јас бев фудбалер можев да заминам во било кој клуб, а денес играчите не се слободни и се под контрола на разни агенции и поединци кои сакаат многу да заработат", изјави Платини.
Меѓу другото претседателот на УЕФА рече и дека трансфер пазарот за време на летниот период трае премногу долго и дека треба да се затвори на почетокот на првенствата, а не на крајот на август.