На почетокот на втората половина од минатиот месец во Будва се одржа состанок во организација на УЕФА на кој просуствуваа претседателите на фудбалските федерации на земјите од поранешна Југославија: Илчо Ѓорѓиоски, Давор Шукер (Хрватска), Томислав Караџиќ (Србија), Ивица Осим (БиХ), Дејан Савичевиќ (Црна Гора) и Александер Чеферин (Словенија).
Освен нив, присуствувале и Борислав Михајлов од Бугарија кој воедно е и член на Извршниот комитер на УЕФА, Романецот Иоан Лупеску, а состанокот го воделе директорот на канцеларијата за соработка со националните сојузи, Теодор Теодоридис, шефот на одделот за соработка со националните сојузи, Марк Еселинк и шефот на канцеларијата за маркетинг, Питер Вилијамс.
Помеѓу другото, повторно било отворено прашањето за формирање на регионална лига. Како што пренесува фудбалскиот аналитичар од хрватски Глобус, Дарко Худелист, на состанокот се говорело за функционирањето на средноевропска-балканска лига. Во неа би учествувале 16 клубови од Македонија, Хрватска, Србија, БиХ, Словенија, Црна Гора, Бугарија и Унгарија, а лигата би започнала од 2015-та година.
За формирање на ваква лига до сега се говорело безброј пати и никој не успеал да го најде решението, но овој пат радува фактот што за прв пат на оваа тема говореле претседателите на фудбалските федерации од сите инволвирани земји и тоа со поддршка од УЕФА.
Иницијатива за стартување на регионални лиги покрена и самиот претседател на УЕФА, Мишел Платини кој загрижен за квалитетот на фудбалот во слабо развиените лиги во Европа, формираше работна група во склоп на УЕФА на чело со поранешниот претседател на Ајакс, Михаел ван Праг. Целта на оваа група е да ги проучи сите аспекти, можности и оправданоста од започнувањето на регионални лиги во Европа.