Марко Верати е момче за на постер кој би го претставувал италијанскиот фудбал, но многумина се прашуваат зошто никогаш не играл во Серија А. Имаше гласини дека ќе се врати во родната земја, а прашање е што ли ќе беше сега со него доколку останеше во Пескара кога клубот пред 5 години влезе во прва лига.
Дека се работи за дете – родена ѕвезда се покажало уште на натпревар меѓу екипите на Пескара и Милан за играчи до 16 години. Со неговиот настап тој до толку ги воодушевил Росонерите, што веднаш по мечот му понудиле да им се приклучи во тим.
Се зборува дека тоа не било проба за да се докаже туку конкретна понуда од 300.000 евра за неговиот потпис. Верати на свои 16 години се дрзнал да го одбие еден од клубовите со најславно минато во светот, а како причина ги навел семејството и неподготвеноста да го напушти домот каде што живее.
Верати е роден во Пескара, а растен во Аквила, главниот град на регионот Абруцо во Јужна Италија. Уште од мал имал голема желба да се докаже, а Милан не е единствениот клуб кој попил корпа од него. Другиот по некоја случајност се вика Интер.
Токму во тинејџерските години кога Верати имал огромна желба за докажување се соочил и со еден доста стресен момент кој го издвојува како еден од најзначајните моменти во неговата кариера, ама во негативен контекст.
Се работи за земјотресот кој го погоди Аквила, малото гратче со само 70.000 жители. Верати тогаш имал 16 години и морал да паузира со фудбал четири месеци, најдолг период поради кој бил принуден да не може да го прави тоа што најмногу го сака.
„Кога се будев сред ноќ се чувствував како да сум парализиран дека не можам да трчам повеќе. Кога се случуваат вакви работи, кога умираат луѓе кои ги познаваш, загрижен си извесно време со други поважни работи“.
Паузата на Верати се случил во сезоната 2008/2009 кога не бил стартер на Пескара, но две години подоцна тимот ја градел играта врз него под водство на Еузебио Ди Франческо, актуелен тренер на Сасуоло.
Ди Франческо му беше ученик на Зденек Земан и неговата игра се базираше на методите кој ги учеше од стариот чешки стратег. Тоа е атрактивен и напаѓачки фудбал со Верати кој беше срцето на тимот.
Сезоната 2010/2011 Пескара ја заврши на 13-та позиција, 8 бода зад позициите кои носат во плејоф. Ди Франческо напуштил и заминал во Лече, а на негово место дојде токму неговиот ментор, Зденек Земан кој го извади најдоброто од клубот.
Земан го употреби својот напаѓачки стил на игра со формација 4-3-3 во која развојот на Верати беше евидентен. Но тој му ја најде позицијата за која е измислен и како класична 10-ка зад напаѓачите, го врати назад да игра веднаш пред дефанзивната линија, истото што се случи со Пирло во Милан.
Пескара имаше целосна контрола во Серија Б, паметен тренер, но и уште двајца екстра таленти кои сезонава се водечки напаѓачи на Лацио и Наполи, како и на италијанската репрезентација. Се работи за Чиро Имобиле и Лоренцо Инсиње.
Со ова трио на млади и перспективни фудбалери Пескара редеше победи против Верона, Сасуоло, Торино и Сампдорија и заврши на првата позиција со 83 бода. Она што беше импресивно е скорот од 90 постигнати голови на 42 средби или по 2,14 по натпревар. Истата година Јувентус стана шампион на Италија со 72 погодоци.
Стилот кој го наметна Земан во тимот влијаеше директно на Верати кој со истакнувањето таа сезона беше изгласан за најдобар играч во Серија Б, а ја доби и престижната награда „Bravo Award“ која се доделува на најдобриот фудбалер до 21 година од страна на Гуерин Спортиво, најстариот спортски магазин во светот. Истото признание го имаат добиено уште еден куп славни играчи како Касиљас, Меси и Клајверт.
Искален под водство на Земан, кога Пескара ја славеше промоцијата за влез во прва лига Марко Верати доби шанса да работи кај друг искусен, но и трофеен тренер, Карло Анчелови со кој во ПСЖ се наметна како еден од клучните играчи.
Осум години по одбивањето на Милан и Интер, Верати веројатно воопшто не се кае, бидејќи заигра во Лига на шампиони со ПСЖ каде се бираа само големи имиња, потоа се наполни со пари и за сега е на бројка од 14 трофеи на само 24 години.
Италијанскиот плејмејкер сега е во позиција да бира каде сака да игра бидејќи е на мета само на гиганти како Барселона, Баерн Минхен, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, а најново и на Јувентус кој е спремен за него да плати 80 милиони евра.