Екипата погодена од длабока криза, на својот веб сајт објави дека италијанскиот бизнисмен Џампиетро Маненти го превзема клубот, за сумата за која Парма претходно ја купи и руско-кипарскиот нафтен конгломерат.
По само две недели во неудобната претседателска функција, Албанецот Ермир Кодра даде отказ, затоа што не успеа да ги реши нагомиланите проблеми кои кулминираа со заминување на повеќе од 20 фудбалери.
Играчите и членовите на стручниот штаб на Енио Тардини не земаа плата од јули минатата година, по што раскин на договорот први побараа Антонио Касано и Фелипе. Останатите фудбалери чекаат до 15. февруари, до кога е рокот Парма да им ги исплати заостанатите плати, во спротивно и тие ќе го напуштат тимот кој се лизга кон Серија Б.
„Ќе платиме сè што должиме. Периодов беше турбулентен за играчите, но задоволен сум после состанокот што го имав со нив. Тие не инсистираа на платите, туку прашуваа дали ќе се среди состојбата во клубот. Наша должност е да ги почитуваме сите рокови, даноци и плати. Со нас во проектот влегуваат и неколку италијански и странски компании“, изјави Џампиетро Маненти за телевизијата Медиасет.
Парма во моментов е убедливо последна во Серија А, со само девет бодови од 21 натпревар. Жолто-сините заостануваат дури 10 бодови од сигурната зона која обезбедува опстанок во лигата. Доколку не ги исплатат заостаните долгови, во Парма може да се соочат со одземање два бода од италијанската фудбалска федерација.
Минатата година, Парма заврши како шеста, но УЕФА го одби нивното учество во Лигата на Европа поради огромни долгови кон фудбалерите и вработените.