Во сабота се игра Ел Класико, едно од најјаките дербија во светот за кое се живее во текот на годината. Ама кога ќе го видите терминот, ќе помислите дека е некоја грешка и дека се работи за меч од Шкотска меѓу Килмарнок и Рос Каунти.
Дуелот меѓу титаните Реал Мадрид и Барселона на Сантијаго Бернабеу е закажан за 13:00 часот, скроз неочекуван и несвојствен термин за дерби, особено ова од шпанското првенство.
Намерата на Шпанците е јасна. Го задоволуваат пазарот во Азија од каде црпат многу пари.
„Сакаме на нашите навивачи од Азија да им дадеме можност да гледаат Реал Мадрид - Барселона во нивно прилагодливо време. Мечот стартува во 13:00 часот во Мадрид, а тогаш ќе биде 20:00 часот во Шангај, 19:00 во Џакарта и 17:30 во Њу Делхи. Тоа се местата за кои знаеме дека има многу наши навивачи на овие две екипи, па така организиравме и неколку настани“, се вели во објаснувањето од Ла Лига.
Додека Премиер лигата годишно заработува од тв права 3,9 милијарди долари, Ла Лига кешира 2 милијарди помалку. Со оглед на тоа што Ел Класико е најпопуларниот меч во светот со над 650 милиони гледачи и ги има двете најголеми планетарни ѕвезди, јасна е намерата за да се дојде до повеќе приходи.
Задоволувањето на огромниот број азиски гледачи и приходите од тв правата не се единствените причини за поместувањето на терминот. Голем удел имаат и спонзорите на двата клуба за кои пазарот од неколку милијарди жители е поисплатлив од оној во Европа.
Барселона пред една година потпиша 4 годишен договор со Ракутен вреден 210 милиони евра. Се работи за најголемата компанија во Јапонија за интернет трговија и една од најголемите во светот каде работат скоро 15.000 луѓе. Ако Барса го освои првенството или ЛШ, ќе добијат уште повеќе пари од договорената сума.
За нив фудбалот е бизнис, а за нас многу е глуп моментон кога на дневен меч трибината прави сенка на дел од теренот и се напнуваш да видиш што се случува. Ви текнува за што зборуваме нели?
13:00 часот е добар термин само за Кадиз - Елче и ништо повеќе од тоа.