Српските медиуми со години наназад го посетуваат кафе „9-ка“ со цел да му направат интервју на газда Дарко Панчев, а овој пат на гости кај македонската и југословенска фудбалска легенда, беа од српски БиБиСи.
Му направија долго интервју во кое неизбежна е темата за неговите Вардар и Звезда во кои успеа и се прослави како играч, а Дарко како и по обичај даде конкретни и директни одговори, ама овој пат и провокатни.
Смета дека Јовиќ не треба да го шиша Реал и да се гледа себе си, потоа посакува да ги снема мобилните бидејќи младите ги прават асоцијални, а споредбата на ракометот со фудбалот можел и да ја рипне.
Истоимениот клуб (во ракометна секција), во кој газеше како млад и од каде направи трансфер во Звезда, и ја донесе на Македонија првата европска титула на еден машки спортски колектив.
А ова со одлуката да се игра македонски фудбал без публика е хит број 1 што го спомнал, нели?
Драган Џаиќ и Драган Стојковиќ го барале во Звезда
Се оженив по втор пат, сопругата остана трудна, па се прашував како тогаш да го сменам градот. Сакав да имам семеен живот и затоа не ја прифатив понудата, а тоа е моја одговорност.
Функцијата спортски директор во Вардар
Бев скоро две години во Вардар, се пласиравме во Лига Европа со убедлив најмал буџет во групната фаза од 2 – 2,5 милиони евра. Тоа беше фантастичен успех, но газдата кој не ангажираше да изградиме респектабилен тим за Европа не го исполни ветувањето дека ќе има пари, а без тоа не се може.
За Југославија и балканската лига
И ден денеска за мене Југославија е синоним за нешто убаво, средено, цврство, иако веројатно имаше некои лоши страни. Гледајќи ги сите овие држави и состојби кои настанаа, Југославија беше десетка на факултет, а останатите ниту петка, шеста.
Јас сум воспитан да не ги гледам работите преку национализам. Несреќните години треба да ги оставиме зад себе, бидејќи ако се повтори таква лига, поради силните натпревари сите можат да добијат многу. Мислам дека тоа најмногу го кочат српските и хрватските клубови, другите би прифатиле со задоволство.
За македонската лига и одлуката поради корона вирусот да се игра без публика
Македонската лига загуби на квалитет и малкумина финансираат во спортот. Затоа нема македонски таленти да речеме за во Звезда. Помладите играчи дури и не се интересираат за големата четворка во југословенскиот фудбал. Тие повеќе сакаат да гледаат реал – Барселона, отколку Звезда – Партизан.
Слушнав добра шега која важи за сите стадиони во регионот освен Црвена Звезда и Партизан.
Нашата влада забрани присуство на гледачи на трибините поради корона вирусот, а некој се сети да каже дека ако ги гледаме стадионите во Македонија корона вирусот постои 10 години.
Поради таа лоша база и по две и пол децении не гледа негов наследник во Југославија.
Може да се каже дека репрезентативецот на БиХ, Един Џеко е добар играч. Александар Митровиќ е коректен, а за Лука Јовиќ ќе почекаме да порасне и да напредне. Нема голем избор, позицијата напаѓач е проблем.
Проблемите на Јовиќ во Реал смета дека се слични како неговите во Интер, со таа разлика што Јовиќ често пати не е ни на резервната клупа.
Тој има 21 година и допрва треба да гради кариера, а јас 10 години имав кариера во Југославија, па можев да си дозволам да им кажам да одат во бестрага и да се искарам, да водам инает и да бидам смел.
Ако неговиот статус не се промени, во јуни треба да оди некаде за да игра. Треба да мисли на себе, кој го шиша Реал кој во последните 12 години само еднаш беа прваци во Шпанија.
За македонската репрезентација и успехот во Лига на нации
Нашите ги победија Гибралтар и Лихтенштајн и селекторот вели – најдобри сме во историјата. Па зарем тоа е така затоа што го победиле Гибралтар?
Косово знаат да одиграат солидни мечеви, не се дунстери, имаат неколку добри играчи, но сметам дека Македонија е апсолутен фаворит. Се надевам дека ќе биде мирно и со големо обезбедување.
Споредбата меѓу фудбалот и ракометот
Да го споредувате ракометот со фудбалот е како да правите споредба меѓу средно школо од Скопје и Ајнштајн. Па кој гледа ракомет во Европа?
Нашите луѓе се желни за успех. Ние би наполниле сала и за европско финале во куглање. Но кога сте виделе во школски двор да се соберат десетина деца и да играат ракомет? Денес ништо не играат, можеби фудбал или кошарка.
Телефоните и компјутерите ги уништија децата. Би сакал да имам моќ да трепнам и да можам да направам да ги снема мобилните, освен оние наједноставните. Тие ги уништуваат младите генерации кои се асоцијални. Не знаат да зборуваат меѓу себе, нема комуникација, а родителите се немоќни.