Томе Пачовски кој кариерата ја започна во Пелистер, а сега успешно гради интернационална кариера, пред престојниот тежок двобој против Белгија издвојува три принципи кои се многу важни за секој фудбалер: уживање во фудбалот, позитивно размислување и постојано докажување на теренот.
Според него Македонија мора повторно да се подготви со истиот тимски дух кој владееше за мечот против Данска кога составот на Чеде Јаневски славеше со 3:0. Со оглед на силниот тим кој го има Белгија, според Пачовски, Македонија не смее да форсира постојано офанзивен фудбал, поради тоа што е ризично, а акцентот во играта мора да биде ставен во одбраната.
„Многу сум среќен што ќе имам шанса да играм против играчи како што се Азар и Фелаини. Белгија е една од најсилните селекции во Европа. Нема потреба да им кажувам на моите соиграчи за каков тим се работи, тие самите се свесни за тоа", изјави Пачовски.
Порталот ФИФА пишува и за неговото искуство во тимот на Бершот каде настапуваше три сеозни, но и за неговата голема пожртвуваност на теренот и повредата која го оддалечи од терените шест месеци.
„Мојата обврска е во секоја ситуација да го спасам голот. За доброто на тимот, јас ако треба повторно би ја скршил ногата. Во современиот фудбал, голманот е сидро кој игра важна улога во стабилизирањето на тимот. Погледнетете ги Касиљас и Куртоа кои се секогаш смирени и кои умеат одлично да ги инспирираат соиграчите", вели Пачовски.
Неговата 30 годишна возраст ја издвојува како идеално време за докажување на голманите кои своето искуство го покажуваат најмногу помеѓу 30 и 35 години.