Па таква радост не се видела во нивните клубови

Убавината на секој национален куп во секоја земја е тоа што малите добиваат единствена и ретка прилика да заиграат против некој гигант, а неретко и сензационално да го изненадат. Имаше историски чуда кога третолигаш или четвртолигаш го елиминирал Баерн Минхен, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Арсенал, Милан итн. А и шанса за некои локалци да се пробаат со светски ѕвезди.

Во Шпанија, за време на ждрепката за 1. коло во Купот на Кралот, петтолигашот Алмазан кој е практично во аматерска лига, на своето стадионче „Ла Арболеда“ кое собира околу 2.000 гледачи, ќе го пречека големиот Атлетико Мадрид.

Полудеа од среќа на ждрепката кога дознаа дека ќе играат против Гризман и бандата на Чоло Симеоне.

Исто беше и со фудбалерите и навивачите на тимчето Алзира од истоимениот град близу Валенсија. Овој тим е четвртолигаш и за првпат во историјата ќе игра против голем гигант каков што е Атлетик Билбао.

Ќе ја пречекаат баскиската гордост на стадиончето „Луис Суњер Пико“ кое собира околу осум илјади гледачи што е многу повеќе од она на Алмазан.

Во последните неколку сезони по вакви и слични ждрепки, помалите и поголемите клубови се договараат за промена на местото на одигрување на средбата со цел повеќе луѓе да дојдат на поголемиот стадион на фаворитот а заработката од продажба на карти да оди на сметка на посиромашниот клуб.

25 октомври 2022 - 11:05