Викендов во Серија А фудбалерите на Лацио тешко стигнаа до трите бода против Палермо. Најпрвин губеа и во прво полувреме го израмнија резултатот. На 15 минути до крајот Антонио Кандрева направи пресврт и кога стигна под трибината за да прослави со навивачите, се лизна, се повреди и побара замена. Тренерот на Лацио, Стефано Пиоли изјави дека сака повторно истото да му се случи на Кандрева, потенцирајќи дека му посакува нов гол.
Милан на домашен терен против Чезена славеше со 2:0, но таму славјето на првиот стрелец мина без последици. Бонавентура го отвори резултатот во првиот дел и идејата му беше исто како Кандрева голот да го прослави со навивачите.
Две кола претходно слично нешто му се случи и на Бонучи кога при резултат 1:1, постигна гол против Милан.
На Мундијалот во Бразил, радоста за гол најскапо ја плати физиотерапевтот на Англија Гери Левин кога неговата репрезентација постигна гол против Италија. Тој беше изнесен на носилки а потоа се утврди дека има тешка повреда на коленото.
19 ноември 2002 година буди измешани чувства кај аргентинскиот напаѓач Мартин Палермо. Во неговата втора сезона за Виљареал голот кој го постигна му ја запечати кариерата во Европа. По прославата со навивачите тој заработи повреда поради која паузираше два месеца, но потоа никогаш не се врати во врвната форма и кариерата ја продолжи во Аргентина.
Кандрева и Бонавентура ги прогласуваме за Офсајд ликови на колото, но на листава најголем офсајд лик е Паоло Диого. За време на меч во швајцарското првенство пред 11 години тој се качи на оградата и остана без дел од прстот, откако му се заглави венчалниот прстен. Португалецот доби жолт картон поради задржување време, а беше и казнет бидејќи влегол на терен со прстен.