Скелото пристигна на Сицилија на 11 јануари и по неполн месец си заминува од кормилото на Палермо кое практично и не го држеше официјално. Од претходните тренерски смени во тимот каде игра Александар Трајковски оваа се разликува по тоа што тој не беше отпуштен, туку сам одлучи да си замине.
42 годишниот стручњак дојдe од аргентинскиот клуб Ланус кој го водеше три години, но во Палермо не смееше да им дава насоки на играчите од клупа и беше практично тренер во сенка.
Проблем му претставуваше тренерската лиценца која му беше заглавена во бирократските лавиринти. Скелото се обрати до ФИФА и поднесе жалба, но потоа откри дека постапката за да ја добие лиценцата може да трае и до една година.
Две недели по неговото назначување, претседателот Ѕампарини од Малта го повика Џовани Тедеско кој таму работеше како тренер, а инаку кариерата ја заврши токму во Палермо во 2010-та. Тој седеше на клупа и ги држеше прес конференциите.
Палермо сезонава урива нови рекорди во смената на тренери. До 12-то коло беше Јакини, до 19-то Балардини, потоа во 20-то коло Вивјани (неофицијално Скелото) и Џовани Тедеско до денеска (неофицијално Скелото).
Петти тренер само оваа сезона на Сицилијанците ќе им биде Џовани Боси коj беше повикан од Примавера. Јака им душа на Трајковски и неговите соиграчи кои секој месец треба да слушаат различни тактички идеи и замисли.
Инаку Гиљермо Скелото е легенда на Бока Јуниорс каде играше заедно со Рикелме и Палермо и за 10 години освои 16 трофеи. Тој е 30-от тренер во 14 годишната ера на Ѕампарини во Палермо кој вкупно во кариерата има работено со 55 тренери во 29 години, повеќе од нив отпуштени од негова страна.