Горан Пандев и кажа збогум на репрезентацијата преку официјален допис до ФФМ кој го испратил на 14 ноември, а јавноста тоа го дозна овој викенд преку соопштението на фудбалската федерацијата на својот веб сајт.
Веста набрзина се рашири низ медиумите, но некои веднаш почнаа со жестоки критики кон нашиот најдобар фудбалер. Членовите на неодамна формираниот синдикат на фудбалери го поддржуваат во одлуката, но нивниот претседател Панче Ќумбев смета дека му е рано за повлекување.
-Мојот личен став е сосема поинаков од ставот на синдикатот, затоа што би сакал и понатаму да игра бидејќи се работи за најдобар играч. Но мора да го сфатиме и притисокот кој го трпи за време на натпреварите, половина публика го исвиркува, а тоа за мене е нон-сенс. Тој нема долго време постигнато гол на квалификациите, но да не заборавиме дека над грб има по двајца тројца чувари, има огромен придонес ви играта и постојано прави асистенции. Личните причини за неговото повлекување не ги знам, не сакаше да ги соопшти, но мислам дека одлуката му е избрзана.
Пандев претрпе голем удар од јавноста, особено на социјалните мрежи. Некои медиуми чинот го нарекоа кукавички, а дел од образложенијата беа дека бродот кој тоне Капетанот не смее прв да го напушти.
-Не се сложувам со таквите констатации. Секоја одлука не може да биде кукавички чин, мора да има причина за тоа. До вчера новинарите му бараа дресови, а сега истите тие го критикуваат. Треба да се гордееме со него. Искрено згрозем сум од написите во медиумите.
Фудбалерот на Наполи веќе еднаш го најави своето повлекување од репрезентацијата, а тоа се случи пред нешто повеќе од еден месец кога во интервју за „Македонски спорт" проговори за проблемите во репрезентацијата и рече дека целосно ја презема одговорноста за лошите резултати.
-Да бидам искрен тоа интервју не би го земал здраво за готово, зашто новинарите некогаш знаат и да ја извртат тезата, што не велам дека е во овој случај. Можеби реагирал многу емотивно. Кога бев репрезентативец имало случаи кога сум одел на гостувања да се качат 20 луге што немаат појма од фудбал, а потоа ти даваа совет како да играш, а на пример Горан игра за еден Наполи. Не знам дали е така и сега, јас зборувам за порано, вели Ќумбев кој го носеше дресот на Македонија во 2003 и 2004 година.
Горан Пандев има проблеми со реализацијата на квалификациските циклуси каде последен пат постигна гол против Холандија пред пет години, но тој е икона на македонскиот фудбал со веќе 10 годишна кариера во Серија А и осум освоени трофеи со екипите на Лацио, Интер и Наполи.
Неговиот поранешен репрезентативен колега е убеден дека ќе се врати за да им го покаже патот на младите.
-Треба да одигра барем уште еден циклус и да се повлече на еден проштален натпревар. Добро би било да игра со младите талентирани играчи како браќата Бабунски и Дарко Велковски кои би научиле многу од него. Горан си ја знае причината и сигурен сум дека ќе продолжи да игра, зашто го познавам лично и знам дека ја сака Македонија. Најдобро е да седнат на маса со претседателот на ФФМ Илчо Георгиовски и да разговараат отворено бидејќи се работи за национален интерес, завршува Ќумбев кој во својата кариера настапуваше за неколку клубови како Победа, Работнички и Легија Варшава.