Најпознатиот Ломбардиец меѓу тренерите, кога го тренираше Баерн Минхен реши да му го извади гипсот на еден од фудбалерите. Не е можно дека сите што ќе влезат кај докторот, излегуваат со бандажирани нозе, изјави своевремено Џовани Трапатони.
Мистериозниот Трап не беше единствен кој имаше различни мислења со специјалистот со двојно презиме. Сепак тоа не беше причина многу германски фудбалери кои играа во Серија А, во ’90-те години да патуваат до Минхен, кај „светецот“ Ханс Вилхелм Милер-Волфарт. Докторот кој пред два дена даде отказ во Баерн Минхен, откако го обвинија дека тој е крив за поразот од Порто во ЛШ.
Лотар Матеус во средината на ’90-те години изјави дека доктор Милер-Волфхарт има прсти како радар. Сепак, Матеус подоцна се вплетка со ќерката на докторот, која е 20 години помлада од него по што мораше да замине за Њујорк каде ја продолжи кариерата. Еден од првите кој му се спротивстави на доктор Милер беше Јирген Клинсман.
Славниот германски фудбалер ги познавал методите на работа на докторот и од таа причина решил во Баерн Минхен да земе со себе еден специјалист за спортска медицина. Тоа го навредило доктор Милер (во Баерн беше од 1. април 1977), по што решил до крајот на сезоната да не ги лекува фудбалерите на Баерн Минхен. Доктор Милер веќе две децении е главен лекар и во германската фудбалска репрезентација, која минатото лето го освои Мундијалот во Бразил.
Пеп Гвардиола вчера демантираше дека тој инсистирал на смена на докторот. „Клубот ги прифати нивните оставки и готово е со тоа. Јас сум одговорен за поразот и воедно имам голем респект кон него“, изјави Пеп на вчерашната прес конференција.
Сепак, медиумите во Германија откриваат дека конфликтот меѓу Гвардиола и Милер-Волфхарт трае некое време и дека Шпанецот го искористил своето реноме кај Карл-Хајнц Румениге да побара смена на лекарскиот тим.
Целиот настан добива на тежина, особено што доктор Милер-Волфарт во кариерата лекувал преку 35 илјади мускулни повреди кај спортистите, меѓу кои и Хусеин Болт. Главниот метод на работа биле неговите прсти, кои ги користел повеќе од било каква радиографија или магнетни резонанци.
Причината за отказот најверојатно лежи во незадоволството на Гвардиола од тоа што докторот освен фудбалерите на Баерн, редовно примал на терапија и други играчи од Бундеслигата. Шпанецот сакал докторот да биде секој ден покрај екипата, а не само кога ќе затреба.
Баерн Минхен во моментов има подолга листа на повредени играчи, меѓу кои и носителите на играта, Франк Рибери, Арјен Робен, Давид Алаба и Бастијан Швајншајгер.