Од пораѓај кај жена му отиде да му донесе Скудето на Јуве

На драматичната разврска за титулата во Серија А викендов и дојде крајот, а еден од најзаслужните за тоа е џокерот на Алегри кој и покрај тоа што слабо спиеше цела ноќ, влезе во игра и го реши натпреварот.

Секој викенд нова драма во Италија. Овој пат на мечот Јувентус - Болоња каде на полувреме беше 0:1 и доколку останеше така, а Наполи победеше, разликата повторно ќе изнесуваше само 1 бод, а Јуве следно коло и гостува на Рома која се бори за ЛШ.
 
Но кога ќе се рече „Оваа утакмица ја доби тренерот“, се мисли на оние примери кога ќе ги погоди измените или измената. Тоа го стори во саботата Алегри кој го стави во второ полувреме Даглас Коста, а овој и покрај тоа што не беше добро наспан, беше како оса на терен.
 
Стратегот на Јуве одлучил да го одмора Бразилецот бидејќи цела ноќ скапал во болница и бил до жена му на породолно столче, но сепак тоа што Коста станал татко се покажа како мотивација плус да влезе во игра и да направи пуздер.
„Цела ноќ беше во болница покрај сопругата која се пораѓаше и со која сега имаат ќерка. Не ни очекував дека ќе се појави во саботата и кога го видов како изгледаше мислев дека тој се пораѓал. Цела ноќ не е спиен и затоа го оставив на клупа за да се одмори.“, изјави по мечот Алегри.
 
Но наспан, ненаспан на Алегри во втор дел му требаше брзина со која играчите на Болоња не можеа да се носат. По автоголот во 52-ра за 1:1, Даглас Коста за 6 минути направи две асистенции до Кедира и Дибала за целосен пресврт.
 
И не само тоа, Коста беше играч на мечот и доби висока оценка 9, а имаше и еден атрактивен обид за гол со рабона удар на кој навивачите на Алијанц останаa без здив.
 
Коста сезонава има 12 асистенции и само Луис Алберто од Лацио со 13 има повеќе од него.
Човекот е роден шампион и откако пристигна во Европа само една сезона не успеа да биде шампион. Со Шахтјор ја освојуваше ттитулата во 2010-та, 2011-та, 2012-та, 2013-та и 2014-та, па продолжи со Баерн во 2016-та и 2017-та и сега му останува да ја официјализира и со Јуве.
 
Додека тој го решаваше клучниот меч за титула, сестра му на Инстаграм се пофали со неговиот најмил трофеј по име Линда.
 
7 мај 2018 - 12:12