Приказната за Хуан Куадрадо почнува на 1988-та, годината кога е роден во рибарското село Некакли во северна Колумбија. Потекнува од опасен кварт каде царувале нарко-бандите, а талентот за фудбал му помогна да избега од дома.
Уште на 4 годишна возраст тој се соочил со голема тешкотија во животот кога пред очи го убиле неговиот татко, а тој успеал да се сокрие под кревет. Поради голема сиромаштија Куадрадо почнал да им помага на мајка му во работата, а задачата му била да пакува банани.
Иако бил сè уште дете еден период морал да се раздели со мајка му. Таа заминала во друг град каде добила можност да менаџира продавница за сладолед, а Куадрадо останал дома да тренира.
Марсела му праќала храна, но потоа кога имал 13 години и тој заминал од дома и на барање на првите скаути кои му го забележале талентот, се преселил во друг клуб на 500 км од дома.
Еден од колумбиските клубови во кои тренирал, се викал Манчестер Јунајтед, а желбата на Куадрадо била еден ден да заигра во Премиер лигата, по можност тоа да биде тимот за кој навивал и го носел истото име како неговиот клуб од детството.
Откако првиот професионален договор го потпиша во својата земја за екипата на Индепендиенте Меделин, по само една сезона во 2009 година стана дел од Серија А. За детската желба да му стане реалност и да заигра во Англија, најпрво ги облече дресовите на Удинезе, Лече и Фиорентина, а минатиот месец го подигна синиот дрес и стана втор најскап трансфер во јануарскиот рок.
Челси го плати 26 милиони фунти, а од пакување банани како мал, 26 годишниот крилен играч сега се навикнува на нова луксузна работа во Лондон која ќе му носи слава и милиони.
И покрај тоа што од Италија замина заедно со неговата девојка Мелиса Ботеро, Хуан живее заедно и со неговата 7 годишна полусестра, како и со мајка му Мелиса со која е цврство поврзан.
Таа му ја готви омилената леќа и чорба, а на стол седи со часови додека мајка му прави плетенки на косата.
„Таа истовремено ми беше и мајка и татко. Ме научи на многу важни вредности и поддршката која ми ја даде ми беше најважна. Сега го поминувам слободното време со нејзе, бидејќи порано не можевме да уживаме заедно. Таа замина да работи во друг град, а јас потоа тренирав во друг клуб, далеку од дома“, вели Куадрадо.
Минатото лето тие заедно снимија реклама во Колумбија.
„Убиството на татко му го направи посилен за побрзо да порасне. Кога го гледам како му се остварува сонот, ме прави најсреќната мајка на светот“, вели Марсела.