Париз, 28 мај 2022. Финале на 67. издание од ЛШ меѓу Ливерпул и Реал Мадрид кое го реши Винисиус. Меч на кој им ги уништи надежите на црвените за одмазда од финалето пред четири години во Киев, кое остана запаметено по грешките на Кариус.
Грешки кои повикуваа за одмазда, исто и како со повредата на Салах, најдобриот во таборот на Клоп, кој поради повреда беше принуден да го напушти теренот по само половина час.
Овој пат Египќанецот беше присутен, исто како и Алисон, еден од најдобрите голмани во светот кој требаше да ги избрка духовите на Кариус. Но и тоа не помогна.
Победничкиот гол на Стад де Франс, Винисиус Жуниор го постигна кога на часовникот стоеше 58 минута и 12 секунда. Тоа не беше еден од најтешките голови во кариерата на Бразилецот, ама сигурно еден од најважните.
Сè започна 4 секунди порано, кога Валверде ја прими топката по левата страна од средниот ред. Следуваа пет добири, сите со десната нога, контрола на топката, поглед кон средината, пас колку интелигентен, толку и прецизен и на крај гол. Во таа 58-ма минута, Реал Мадрид се уште не е европски првак, но Валверде стана Валверде.
ПЕТ ДОПИРИ
Ништо на светот не може да го опише играчот од среден ред од генерацијата 98` подобро од тие пет допири. Таму е неговата флексибилност. Роден е како централен играч за врска, но во финалето на ЛШ играше како првотимец по десно.
Брз е, интелигентен и размислува добро секој пат кога ќе прими топка. Асистенцијата на Винисиус не е очајничко додавање или колку да се шутне некаде топката, туку е тоа што треба да биде.
Во тоа се состои неговата техника со која од едноставен посед на топка во среден ред, може да создаде акција за гол во рок од четири секунди. Во тие пет допири се наоѓа вистинскиот Федерико Валверде.
ЖИВНУВАЊЕ
Уругваецот е протагонист уште на стартот на сезоната. Реал нема пораз ниту во Ла Лига, ниту во ЛШ, а Валверде им даде гол на Атлетико и Барселона и има вкупно 5 првенствени, како и еден против Лајпциг на меѓународна сцена.
Заминувањето на Каземиро му олесни да живне во среден ред, каде што им се придружи на Модриќ и Крос, кои се не било кои. Дополнителен доказ за неговиот извонреден почеток на сезоната е и наградата за најдобар играч на месецот која му ја додели Ла Лига.
Самиот Анчелоти на прес конференција го пофали својот играч за кој рече дека го има целиот потенцијал за да го достигне нивото на Џерард. Ништо помалку не се важни ниту пофалбите на Тони Крос на Твитер.
Fede Valverde top 3 in the world right now
— Toni Kroos (@ToniKroos) October 16, 2022
ГЕНЕРАЦИЈА „Z“
Од своја страна Реал (како и секогаш) воспостави своја линија на играчи за да обезбеди сегашност и пред сè иднина за својот среден ред. Камавинга и Чоамени веќе го покажаа својот талент кога беа повикани, без разлика на нивната младост.
Валверде е најстар меѓу нив тројца, хиерархиски гледано дури и чекор напред. Ако најде континуитет во фазата на имплементација, би можел да се израмни со друтите врвни играчи од средниот ред на светската сцена.
СТРЕЛЕЦ ОД БЕБЕ
Од друга страна, тој е стрелец уште од пелени. Првите голови ги давал на 2 години, кога татко му Хулио дома во дневната соба му местел стативи.
На само три години ги совладувал своите врсници во клубот Union Students Baby во Монтевидео. После две години го постигнува својот прв гол на официјален натпревар, како и прв трофеј во улога на апсолутен протагонист.
Во 2008-ма кога имал 10 години, го зема Пенарол, каде всушност и му почнува професионалната кариера. На 17 години го освојува уругвајскиот шампионат и една година подоцна заминува во Реал Мадрид и станува Федерико Валверде.