Трета славна фудбалска жртва во рок од 15 дена. На 25 ноември замина Диего Марадона (60), на 8 декември Алехандро Сабеља (66), а на 9-ти Паоло Роси (64) кој почина од рак.
Ако во Италија прашате нешто на тема Светско првенство, ќе им отворите две главни теми на разговор. Германија 2006 и Шпанија 1982. Тоа се две од нивните четири светски титули на кои најчесто се сеќаваат.
Титулата број 3 им е врзана за славни имиња како Дино Ѕоф, Клаудио Џентиле, Марко Тардели, Бруно Конти, Џузепе Бергоми, но сите ќе ви зборуваат и ќе величат еден, а тоа е Паоло Роси.
Златниот пехар им го донесе на нај мангупски можен начин, а тоа е со блесок кога најмногу му беше потребен на тимот предводен од селекторот Енцо Беарцот. Го немаше никаде, а на последните три меча експлодираше со 6 незаборавни гола.
Италијанците имаа беден стар и замислете со три нерешени ја минаа групата против Полска, Камерун и Перу. Но затоа се разбудија во втората групна фаза и ги пратија дома Аргентина и Бразил.
По триумфот над Аргентина од 2:1, меч на кој настапи 21 годишниот Марадона, на сцена стапи Роси од кој Бразилците имаат кошмари. Зошто? Затоа што и покрај тоа што имаат страшен состав кој везеше со топка, тој ги торпедираше со хет-трик за конечни 3:2.
Следуваше полуфиналето против Полска на кое Италија победи 2:0 со двата гола на Роси, а потоа финалето на кое постигна уште еден гол на мечот кој заврши 3:1.
Легендарниот напаѓач постигна вкупно 20 гола на 48 репрезентативни настапи, но тие 6 мундијалски го стекнаа со светска слава и три индивидуални награди: Ја освои Златната копачка како прв стрелец на Мундијалот, го прогласија за најдобар играч, а ја доби и Златната топка. Со Роберто Баџо и Кристијан Виери се први стрелци за Италија на Светските првенства со по 9 гола.
Инаку Роси ја мина клупската кариера во Серија А во екипите на Виченца, Перуџа, Јувентус, Милан и Верона, а две години пред да ја крене нацијата на нозе и да добие статус на херој беше суспендиран поради вмешаност во аферата позната како Тотонеро.
Се работи за еден од најголемите скандали за местење натпревари заедно со Калчоскомесе и Калчополи во кои биле вмешани повеќе фудбалери меѓу кои и Роси кои добил дури три години забрана за играње фудбал.
Од тие причини тој го пропуштил Европското првенство 1980, но суспензијата од три му била намалена на две години и потоа прави кам бек како на филм.
Инаку култниот херој на Италија е прв играч кој успеал да биде прв стрелец две сезони по ред во Серија Б, па во Серија А, а тоа му успеало во дресот на Виченца.
Најголемите клупски успеси во кариерата ги направил со Јувентус каде во 76-та направил рекорден трансфер. Со нив освоил 2 Скудета, Куп на Италија, Куп на Куповите на победниците, Супер Куп на Европа и Европски Куп, денес познат како ЛШ.
По пензионирањето Роси беше ангажиран како стручно лице во Скај, Медиасет и Раи.
Сите 6 гола на СП 1982