Италијанскиот прволигаш Сасуоло често е споредуван со Атлетик Билбао и нивниот нов прекар е „Баскија во мало", поради фактот што се екипа со најмногу домашни играчи во Серија А.
Во натпреварот од првото коло од Серија А, Сасуоло настапи со 11 Италијанци во тимот. Од првата минута, на теренот се најдоа Помини, Пелузо, Ариаудо, Антеи, Гацола, Мањанели, Биондини, Мисироло, Сансоне, Берарди и Заза.
Тренерот Еузебио Ди Франческо во составот има само тројца играчи кои доаѓаат надвор од границите на Италија, а тоа се хрватот Вршаљко, алжирецот Сафир Таидер и Чибса од Гана.
Со чисто италијански состав во првите две кола настапи и второлигашот Читадела кој нема ниту еден странец во екипата. Новиот прволигаш, Чезена во првото коло истрча со 10 Италијанци на теренот и само еден Шпанец, Алехандро Родригез кој е дете на клубот.
Сампдорија предводена од Михајловиќ новата сезона ја отвори со 9 Италијанци и двајца странци, а во исто време во Торино, грбот на Интер го бранеа 7 играчи од странство.
Во Шпанија, освен Атлетик Билбао, кој е прочуен по строгата политика на клубот да играат само фудбалери кои имаат баскијско потекло, првенството слично го почна и новиот прволигаш Еибар. Во првото коло од Примера, Еибар славеше против Сосиедад со 11 Шпанци во екипата.
Токму Реал Сосиедад, во сензационалниот триумф над Реал Мадрид (4-2) во второто коло, истрча со 10 шпански фудбалери и само еден Уругваец, Чори Кастро. На спротивната страна, „кралевите" играа со 7 Шпанци и 7 странци.
Квалитетот на Премиер лигата е висок поради големиот број на странски играчи, затоа што дури половина од лигата не се од Англија. Единствено новиот премиерлигаш Барнли игра во „чистокрвен" англиски состав. Манчестер Јунајтед против Барнли имаше 5 странци во првите 11.
Трендот новите прволигаши да имаат повеќе домашни фудбалери го продолжи и Падерборн, една од ретките екипи во Германија која што против Хамбургер настапи со целосно германски состав. Боите на овој симпатичен клуб ги бранат тројца странци меѓу кои: Шпанецот Рафа, албанскиот ветеран Албин Меха и Алжирецот со француско потекло Иди Уали.
Во Лига 1, северниот дел важи за „чисто" француски, така што Каен победата против Евијан во првото коло ја прослави со 11 Французи во тимот, од кои 6 се родени во Франција, а имаат потекло од Сенегал и Мали.
Во португалската Суперлига, каде што доминираат мултинационалните Бенфика, Порто и Спортинг Лисабон, Пенафиел е клубот во кој има само тројца странци: Иранецот Хагиги, бекот Квињо од Колумбија и напаѓачот Мбала од Конго.