Воените напади на Русија во Украина и ги компликува меѓународните спортски активности на оваа земја, која почна да се соочува со санкции во фудбалот.
ФИФА на Русите им забрани да ги употребуваат уставното име, химната и знамето, а натпреварите на кои се домаќини ќе мора да ги играат на неутрален терен и без публика.
Светската куќа на фудбалот потенцира дека доколку ситуацијата околу војната во брзо време не се промени, Русија може да биде исклучена целосно.
„ФИФА ќе го продолжи дијалогот со Меѓународниот олимписки комитет, УЕФА и со други спортски организации, за да определи дополнителни мерки и санкции, вклучувајќи и можно исклучување од натпреварувањата, доколку ситуацијата не биде набргу поправена“, се вели во нивното соопштение.
Проблем плус за Русија во моментов се и плејоф средбите за Мундијалот во Катар. Кога на 24 март, Македонија ќе и гостува на Италија, Русија треба да се сретне со Полска и победникот од овој дуел во финале ќе игра со подобриот од дуелот Шведска – Чешка.
Но Полска, Шведска и Чешка, едногласно решија дека нема да играат против Русија во баражот и испратија заедничко писмо до ФИФА во кое бараат да биде исклучена, на што се сложува и првиот човек на Француската фудбалска федерација, Ноел ле Грат.
Последен таков случај беше со Југославија која како квалификувана на ЕП 1992 беше суспендирана поради војната и на нејзино место играше Данска.
Инаку на овие три селекции се приклучи и Албанија која е во иста група со Русија во Лига на нации и треба да се сретнат во јуни.
„Албанија нема да игра на ниту еден меч против Русија во било кој спорт сѐ додека нѐ заврши окупацијата на Украина и руските трупи нѐ се повлечат од Украина“, објави министерката за надворешни работи, Олта Џачка.
Инаку УЕФА веќе ѝ наложи на Русија, клубовите и репрезентациите да играат на неутрален терен, како и украинските, а Фудбалската федерација на Украина побара од ФИФА и УЕФА да ги суспендираат руските клубови и репрезентацијата од сите меѓународни натпревари.
УЕФА веќе им го одзема финалето од ЛШ на Русите и од Санкт Петербург го премести во Париз.