Сам сум виновен што не успеав во Барса

Поранешниот фудбалер на Барселона, Белорусинот Александар Хлеб во пресрет на дуелот на неговиот Батер Борисов со Каталонците во среда изјави дека се срами од тоа како се однесувал додека играл на Камп Ноу.

Играчот од средината на теренот и најискусниот играч на белорускиот шампион призна дека се однесувал како дете за време на неговиот престој во Барселона и секогаш се карал со тренерот Пеп Гвардиола.
 
Александар Хлеб стигна во Барселона во 2008. година за 11,8 милиони евра, но во 2012. Каталонците раскрстија со него по неколкуте позајмици во Германија и Англија. И покрај тоа што ја освои тројната круна во единствената сезона во Барселона, Хлеб изјави дека никој не му е крив што не ги исполнил очекувањата на Камп Ноу.
„Секогаш се расправав со Гвардиола. Немав обичај да го слушам, тој знаеше да ми каже да почнам да одам на курс по шпански јазик за подобро да се интегрирам во екипата, но јас терав инает и викав не. Се однесував како дете и го игнорирав. Само поради моја вина не продолжив во Барса. Имав проблеми со карактерот и бев под стрес поради проблеми во приватниот живот", се отвори Белорусинот за Радио Каталуња.
Токму Барселона ќе му гостува на Бате Борисов во рамките на третото коло од Лигата на шампионите. Во групата Е, избраниците на Луис Енрике имаат 4 бодови а Батер Борисов 3 после победата над Рома.
16 октомври 2015 - 16:22