Никој не го освоил Скудетото кога бил на -6 на 6 кола до крај

Откако Баерн, Сити и ПСЖ ја освоија титулата, а прашање на време е само кога ќе го стори тоа и Барса, единствената каква таква неизвесност остана во Серија А. Како стојат работите Наполитанците имаат речиси невозможна мисија.

Јувентус е на прагот да ја слави седмата титула по ред, подвиг кој никој не успеал да го достине во 120 години прволигашки фудбал во Италија. Само еден клуб до сега славел шест Скудета по ред, а тоа е истиот овој Јувентус кој ја почна низата во сезоната 2011/2012.
 
Наполи има исклучително тешка мисија за да им ја сопре доминацијата и истовремено треба да се бори и против традицијата. Во ерата на 3 бода за победа во Серија А од сезоната (1994/1995) ниту една екипа не успеала да анулира 6 бода на 6 кола до крај и да се искачи на тронот.
 
Во тие 23 сезони само три екипи кои биле втори на табела на 6 кола до крај успеале да го освојат Скудетото, но разликата до лидерот била помала.
 
Во 1999-та Лацио водел со 4 бода предност, но на крајот славел Милан. Следната 2000-та Лацијалите им анулирале 3 бода на Јуве, а во 2002-ра Интер со +3 пред Јуве на крај остана без титула.
Во пет сезони се случувало лидерот да му бега на вториот 6 бода на 6 кола до крај и на крај да биде прв, како што беше со Јуве и Наполи пред две сезони.
 
Јувентус до крај игра со Кротоне, Интер и Рома на гости и со Болоња и Верона дома, а Наполитанците со Удинезе, Торино и Кротоне дома и со Фиорентина и Сампдорија на гости.
 
Следната недела на 22 април имаат директен дуел на Алијанц. Математиката вели дека ако утре вечер победат и двете екипи, а Јуве потоа го добие Наполи, на 4 кола до крај Јувентус ќе има +9.
 
Тоа значи дека на 28 април на Јувентус ќе му треба победа на гости против Интер за да го прослави Скудетото на Меаца. Ќе имаат ист број на бодови, ама ќе одлучат директните дуели.
17 април 2018 - 13:24