Македонската гордост беше на чекор до сензација. Осумкратниот шампион на Белорусија кој зад себе има по два настапи во групите на Лигата на шампиони и Лига Европа, екипата на Бате Борисов беше на колена се до кобното судиско продолжение и двата гола на Родионов во 92-та и 94-та минута.
Вардарци први се заканија уште на самиот старт кога Темелков со глава биеше крај голот по центаршут на Стојаковиќ.
Следната голема опасност ја имаа домаќините во 25-та минута кога Радионов се проби по левата страна, го совлада и голманот Захов, но Аличену ја исфрли топката пред гол линијата.
Домаќините продолжија со притисокот, но вардарви успешно ги затвораа приодите кон голот. Сепак концентрацијата на вардаровата дефанзива не издржа уште пет минути до паузата помеѓу двете полувремиња. Захов успе да одбрани удар од левата страна, но одбиената топка дојде до Мозолевски кој лесно ја затресе мрежата за предност од 1:0.
Четата на Ѓорѓиоски одигра подобро во второто полувреме, а оваа игра резултираше со целосен пресврт. Најпвин успешно стрелаше Јован Костовски во 54-та минута,
а осум минути подоцна Остоја Стјепановиќ со прекрасен погодок од работ на шестнаесетникот го доведе Вардар во водство.
Домаќините тргна со сите сили во напад, а вардаровата одбрана и голманот Захов успешно ги одбиваа сите нивни налети се до судиското продолжение.
Вардарци долго ќе ги паметат тие две минути и Витали Родионов кој со голови во 92-та и 94-та минута му ја донесе победата на Бате Борисов.
Вардар несреќно ја загуби оваа битка, но сепак ова не е крај. Два гола од гости се огромна предност која фудбалерите на Вардар мора да ја искористат на реваншот следната недела со огромната поддршка од преполните трибини.