Пред само две години Холандија стигна до финалето на Светското првенство, а оваа година заедно со Ирска тие беа најголемото разочарување на Европското првенство.
Тие имаа експресен крај на својот настап со три порази на ЕУРО 2012, а за тоа колку била нарушена атмосфера открива еден репрезентативец кој остана анонимен.
Арјен Робен беше трагичар на финалето од Лигата на шампиони кога промаши пенал за Баерн Минхен против Челси, но неговите соиграчи воопшто не го жалеле.
„Се надевавме дека Робен ќе биде помалку себичен откако го промаши пеналот во финалето на Лигата на шампиони. Замислете само каков ќе беше ако тој дадеше гол и го одведеше Баерн до титулата. Ќе беше уште поарогантен и никогаш немаше да ни додава", изјавил анонимниот фудбалер за холандските медиуми.
По Робен, на мета беше и Хунтелар.
„Однесувањето на Хунтелар на Европското првенство беше неверојатно. Селекторот требаше да го прати дома, а не да го става во игра. Ние играчите веќе не сакаме да играме со Хунтелар. Никој не сака да игра со него во тим", изјавил друг анонимен фудбалер.
Ова беше најслабо издание во историјата на холандската фудбалска репрезентација која од своето основање во 1905-та година нема забележано три порази во серија на официјални натпревари. Медиумите од Холандија изданието на нивната репрезентација го окарактеризираа со еден збор - бламажа.