Неприкосновената навивачка култура во Германија со нови рекордни бројки

Што е тоа навика и традиција на одење на стадион? На пример ова: Германски второлигаш сезонава бележи поголема посетеност од Ливерпул, Арсенал, Атлетико Мадрид, како и од 16 германски прволигаши.

19-то коло од Бундеслигата 2 или Цвајта бележи рекорд. 322.486 луѓе биле на стадион на деветте натпревари.

Тоа е просек од 30.329 навивачи по натпревар, што го надминува просекот од минатата година од 29.109.

Вкупно на сите 19 кола до сега на 171 средба во втората германска лига забележано е присуство од над 5 милиони луѓе.

Само на Олимпијастадион изминатиов викенд на мечот Херта Берлин - Хамбург имало 71.500 гледачи. Шалке го пречекал Нирнберг на распродадената Велтинс арена со поддршка од 62.278 навивачи, а Келн против Елверсберг играл пред 49.800 од можни 50.000 гледачи.

Просечниот капацитет на 18-те стадиони оваа сезона во втората германска лига е 33.799 и со просечна посетеност од 30.329, скоро 90% е исполнет.

За споредба, тоа е повеќе од шпанската Ла Лига (29.875) и француската Лига 1 (27.173). Во Чемпионшип овие бројки изнесуваа 21.842.

Ако ја погледнете табелата на топ 10 посети оваа сезона во Германија после 19 кола ќе дојдете до следниот податок. Пет екипи се од прва и пет од втора лига.

Шалке 04 како второлигаш е посебна приказна за анализа, бидејќи може да се пофали со повеќе публика отколку 16 од можни 18 германски прволигаши.

И не само тоа. Всушност, во сите лиги во Европа, само девет клубови сезонава имаат поголема посетеност од нив.

И покрај тоа што се на табела 13-ти, играат пред повеќе навивачи од Атлетико Мадрид, Бенфика, Ливерпул, Арсенал и Тотенхем.

Велтинс арената на Шалке беше една од петте стадиони во Бундеслигата 2 кои беа домаќини на ЕП 2024 минатото лето, заедно со Фолкпаркстадион од Хамбург, Меркур Шпил-Арена од Фортуна Дизелдорф, Олимпијастадион од Херта и Рајн Енерџи од Келн.

Зошто има таква магнетна привлечност во германскиот фудбал? За оние што не ја следат, Германија е позната по својата фудбалска култура каде на прво место се навивачите, а најдобриот пример за ова е регулативата 50+1 која им забранува на надворешните инвеститори да станат мнозински акционери. 

Како такви, клубовите ја задржуваат својата поврзаност со нивните локални корени, а најголемиот збор го имаат навивачките групи кои се дел од клубовите.

Вториот многу важен момент е што не ги горат со скапи карти, како во една Англија на пример.

Просекот за сезонски билет на стоење минатата сезона изнесуваше 205 евра или 11 евра по натпревар, а најевтиниот сезонски билет беше 150 евра.

Покрај тоа, картите значат и бесплатен јавен превоз до стадион.

Последната компонента за севкупно уживање е пивото во комбинација со колбас за пристапни цени.

Кога ќе станете дел од Цвајта, наместо да се прашувате зошто толпата е толку голема, порелевантно прашање е: Зошто да не биде? И зошто да не бидете дел од тоа?

Германската втора лига е една од најпосетените лиги во Европа.

28 јануари 2025 - 09:27