Интер во четвртокот вечерта ја имаше последната проверка пред отворањето на сезоната во Европа лигата (следната недела, против циркузантите од Стјарнан). Нероаѕурите гостуваа во Солун, каде против Паок одиграа без голови.
По враќањето во Милано, откако сите играчи си заминале, поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Немања Видиќ се заглавил во лифт во зградата во миланскиот кварт „Сити лајф“ каде живее.
Видиќ останал заглавен во пресрет на Ферагосто, еден од најголемите празници во земјата, кога голем дел од големите градови се прилично празни. Очигледно во таквата „пустина“, ниту на славен играч не му е лесно да ја реши маката.
За малерот по Видиќ да биде поголем, мајсторот дошол дури по два часа, кога Србинот целиот испотен излегол од заглавениот лифт.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, на Вида ова не му било прво заглавување, затоа што слична непријатност имал и во Манчестер. За среќа тогаш немало празник, па мајсторот дошол за брзо време.