Нема сезонски карти за нередовните на „Алијанц арена“

Бундес лигата важи за првенство каде за разлика од Англија и Шпанија со многу помалку пари може да се стигне до влезница за фудбалски натпревар. Но актуелниот шампион најавува дека ќе ги казни навивачите кои покажуваат помала редовност на стадион.

Баерн Минхен има изградено одличен пријателски однос со своите фанови кои ги привлекува со евтини влезници за што помасовно присуство на „Алијанц арената“. Но од клубот најавуваат нови строги мерки кон оние со годишни билети кои често скокаат мечеви.

Во соопштението на германскиот првак стои дека секој навивач кој поседува годишна карта и пропушти осум натпревари во текот на оваа сезона во Бундес лигата, клубот ќе има право да му ја одземе.

Баварците имаат направено стратегија за привлекување на што поголем број навивачи, па така на пример најевтините сезонски влезници ги продаваат по цена од 140 евра, сума со која во Премиер лигата за некои мечеви може да се купат само две влезници.

Германците минатата сезона ги заштитија своите навивачи и во Лигата на шампионите, а тоа се случи на осминафиналниот меч против Арсенал. Баерн прими 18.000 барања за околу 3.000 гостински влезници кои изнесуваа по 75 евра, но за да им го намалат трошокот тие ги субвенционираа своите навивачи со по 30 евра за секоја карта.

Најновите мерки на Баварците околу одземањето на сезонските карти може да предизвика контра ефект кај навивачите, а нивното помалобројно присуство најверојатно се случува кога во Минхен гостуваат помали екипи.

5 февруари 2014 - 12:49