Во страв да не им се повтори скандалот од КОНКАКАФ Голд Купот во 2011-та година кога пет репрезентативци беа позитивни на кленбутерол, Фудбалската федерација на Мексико на играчите кои се на списокот за Бразил им забрани да јадат говедско месо.
Голманот Очоа и дефанзивецот Родригез се двајца од петмината „допингувани" од 2011-та година кои се на списокот на Мигуел Ерера за Светското првенство во Бразил.
Причина за ненамерниот допинг е користењето на кленбутерол во одгледувањето на стоката. Иако е забранет, голем број одгледувачи ја додаваат состојката за говедата побрзо да пораснат и да добијат на маса.
Освен говедското месо, на Мексиканците им е забранет и сексот за време на Светското првенство.
„Ако еден играч не може да се воздржи еден месец или 20 дена, тогаш тој не е подготвен да биде професионалец. Одиме да играме на Светско првенство, а не на забава", изјави селекторот на Мексико.