Неделковски: Влезот во ФК Вардар е забранет за приватни лица

Извршниот директор на Вардар, одговори за ситуацијата пред тренинг-центарот на клубот во текот на вчерашниот ден. Комити тврдат дека вратата била затворена за нив и за маркетинг тимот. Миленко Неделковски вели дека немало најава и одобрение за нивно присуство.

Неделковски на брифинг со новинарите зборуваше за инцидентот пред тренинг центарот во Хиподром, како и финансиската ситуација во клубот, која се провлекува низ годиниве.

„Во тренинг центарот не може да влезат луѓе кои не се дел од Вардар, влезот е забранет за приватни лица. Се јавивме во полиција и ситуацијата беше расчистена. Не е точно дека според договорот тие треба да ги водат социјалните мрежи на тимот. Ние работиме по примерот на сите сериозни клубови, никаде не е дозволено влез во тренинг центарот на приватни лица без претходна најава. Затоа и не беа пуштени тие кои дојдоа“, рече Миленко.  

Вардар постигнал договор со УЈП за отплата на долгот од 3 милиони евра на 36 рати.

„Декемвриската ревизија која ја направивме покажа дека долгот е многу поголем од она кое претходно ни беше кажано. Кон УЈП клубот должи 3 милиони евра, кон приватници долгот е 1,4 милиони евра, а кон ПУИК 200.000 евра. Вкупната сума е нешто под 5.000.000 евра“.

Буџетот на ФК Вардар за следната сезона најавува дека ќе биде 3 милиони евра.

„Одблокираната сметка значи дека во Вардар ќе можат да се слеваат пари од повеќе финансиери бидејќи многу од нив не сакаа да влезат додека клубот има блокирана сметка. Клубот од идната сезона ќе има буџет од 3 милиони евра, но во таа сума се вклучени и ратите за долгот“, вели Неделковски.

Од седуммина луѓе кон кои Вардар должи пари, било побарано да излезат во пресрет со цел да се тргнат блокадите во клубот. Со петмина од нив нашле заеднички јазик, а тоа се Горан Попов, Гоце Седлоски, Бенџамин Демир, Матеј Цветаноски и адвокатката Марија Спиревска.

Тензии во Вардар, Миленко им забранил влез на Комити во тренинг центарот

13 јануари 2025 - 09:13