Адријано Галијани беше 27 години десна рака на газдата на Милан, Силвио Берлускони кој важи за еден од најмоќните и најконтроверзни политичари во Италија, но тиквата не пукна меѓу нив, туку поради неговата ќерка Барбара која цврство беше решена да прави промени во раководата структура.
Ке биде запаметен како еден од најспособните и најуспешните функционери во италијанскиот фудбал кој успеал да донесе имиња како Марко Ван Бастен, Руд Гулит, Жорж Веа, Андриј Шевченко, Рикардо Кака и уште многу други врвни фудбалери.
За 27 години освои 28 трофеи меѓу кои пет пехари во Лигата на шампионите и осум Скудета. Со него Милан стана еден од најуспешните екипи во фудбалска историја, но тој изјави дека си заминува навреден и дека тоа ќе го стори по мечот против Ајакс на 11 декември или по градското дерби 10 дена подоцна.
„Јасно ми е дека доаѓаат моменти кога се потребни промени, но не на ваков начин со повредување на мојата репутација. Велат дека сум добар и многу познат функционер и во странство, но не разбираат што се случува. Летоска бев во Мадрид за да го донесам Кака и тоа без да закажам состанок канцелариите на Реал ми беа отворени. Кога бев да го купам Ибрахимовиќ од Барселона, претседателот Росел го помести фамилијарниот одмор поради мене. Мојата почит кон Берлускони останува иста, а јас и понатаму ќе бидам голем навивач на Милан", изјави Галијани.
Но Милан ја загуби економската моќ во Серија А, а тоа го призна и самиот Галијани кој минатата година рече дека продажбата на Ибрахимовиќ и Силва за вкупна сума од 65 милиони евра е неизбежна. На тоа навивачите бурно реагираа и бараа адекватни замени.
Потоа продаде и ред други важни имиња кои го сочинуваа костурот на екипата, а дел од нив беа веќе и ветерани. Си заминаа важните играчи од средниот ред како Прило, Сидорф, Фламини и Боатенг, но задоцни со продажбата на Пато кој замина во Коринтијас за сума од 15 милиони евра.
Една година претходно моќниот ПСЖ нудеше 35 милиони евра за него, но љубовните релации со Барбата тогаш беа пресудни тој да остане на „Сан Сиро", а одговорноста за тоа повторно отиде кај Галијани.
Парите од трансферите беа искористени на најлош можен начин, а тоа го докажуваат и резултатите. Милан нема трофеј од 2011 година, а во моментов се наоѓа на 14 позиција во првенството со 20 бода заостанување зад лидерот Јувентус.
Минатата година во нападот го купи Пацини за сума од 12,5 милиони евра, а без надоместок го обезбеди и Бојан Кркиќ, но ниту еден од нив не остави силен белег, исто како и Алесандро Матри кој сезонава е повеќе на клупата.
Притисокот на навивачите за лошите игри и трансфер политиката на клубот во последните две години е огромна, но моќта на младата газдарица Барбара по се изгледа дека е клучна за неговото повлекување.