Навивачки караван со 328 автобуси

Атлетик Билбао во моментов нема стадион, па вечерашниот натпревар против Осасуна ќе го одигра во Сан Себастијан каде ќе одведе 20.000 навивачи со 328 автобуси.

Домот на Атлетик Билбао, познатиот стадион Сан Мамес или за Баскијците познат како "La Catedral" по точно 100 години замина во историјата, а додека трае изградбата на новиот стадион, оваа екипа е приморана да користи други стадиони.

Во следниот период Атлетик Билбао натпреварите како домаќин ќе ги игра во Сан Себастијан, на стадионот на Реал Сосиедад. Стадионот Аноета се наоѓа на 98 километри од Билбао, но овој тим нема да остане без поддршка на своите навивачи.

Челниците на Атлетик Билбао решија да ангажираат 328 автобуси за своите фанови и очекуваат дека на вечерашниот натпревар против Осасуна ќе имаат поддршка од преку 20.000 навивачи.

23 август 2013 - 13:11