„Долга љубовна приказна, погледот во Манчестер врежан во срцето. Шева легенда засекогаш“, пишуваше на банерот на навивачите на Милан.
За помладите кои не го фатија тоа време, „погледот во Манчестер“ се однесува на пеналот со кој им донесе трофеј во Лигата на шампионите.
Пред него стоеше Џиџи Буфон, а финалето Милан - Јувентус се одигра на Олд Трафорд во 2003-та година. Заврши 0:0, па се решаваше на пенали.
„Враќањето на Сан Сиро носи секогаш возбуда. Пречекот беше одличен. Им се заблагодарувам на навивачите на Милан“, изјави украинскиот ас после мечот.
Инаку Џенова е елиминирана во осминафиналето од Купот на Италија со 3:1 во продолженијата откако по 90 минути игра беше 1:1, а Џенова беше во водство околу еден час игра. Пандев доби шанса во 87 минута, а Леао се истакна со мајсторија.
Трансферот на Шевченко се случи во 1999-та кога Милан на Динамо Киев му исплати тогаш рекордни 25 милиони долари.
„Милан ме следеше две години, а италијанскиот фудбал тогаш беше многу популарен. Милан, Интер, Рома и Наполи беа екипите кои во тоа време ги имаа најдобрите играчи. Јас на 22 години бев спремен да се докажам во најтешката лига во светот со најдобрите играчи“, изјави Шева и се потсети и на уште еден незаборавен пречек на навивачите на Милан.
„Долго време целев да ја освојам Златната топка. Беше многу возбудливо. Но уште повозбудливо беше кога го примив една недела подоцна на Сан Сиро. Тој ден имаше многу навивачи, нема никогаш да ги заборавам. Италија ќе остане мојот втор дом“.