Интернасионал не бил шампион на Бразил повеќе од 40 години и деновиве е многу близу до титулата, па навивачите прават се што можат да стигнат до вредниот пехар.
Еден од најбогатите навивачи на Интернасионал, бизнисменот Елусмар Маги Шефер решил да плати од свој џеб 1 милион бразилски реали (околу 153.100 евра) за една цел.
Родинеи се вика стандардниот десен бек на Интернасионал кој лани дошол на позајмица од Фламенго, главниот конкурент за титулата. Во договор за позајмица имало клаузула тој да не смее да игра за Фламенго или да игра во случај ако се платат 153.000 евра (185.000 долари).
Навивачот Елусмар Маги (важи за 7-ми најбогат човек во Бразил со проценето богатство од 4,9 милијарди долари) без размислување ги дал овие пари, ама Родинеи не ги исплати.
Интернасионал прв поведе во дербито уште во 11' минута од пенал. А после на сцена настапи токму бекот Родинеи.
Прво шпицот на Фламенго Бруно Енрике му избега на Родинеи по неговата десна страна и израмни на 1:1. После позајмениот бек имаше силен шут во пречка на спротивната страна, а кулминацијата беше кога на старт на вториот дел несмасно го фаулираше Луис Фелипе (некогашниот лев бек на Атлетико Мадрид и Челси) и доби црвен картон.
Со играч повеќе Фламенго во 63' минута успеа да зголеми на 2-1 преку Габигол и на крај да освои златни 3 бода.
Милионерот Елусмар Маги не се предава. Во интервју за GloboEsporte бизнисменот ги открил плановите за последно коло кога ќе се води жестока битка за титулата:
„Ќе пробам да го мотивирам следниот противник на Фламенго со пари. Моите адвокати веќе изучуваат дали е можно да го направиме тоа и како, а во последно коло ние ќе го победиме Коринтијанс со 1:0 и ќе станеме шампиони“.
Во последната 38. рунда, Фламенго ќе влезе како прв со 71 бод, пред Интернасионал кој има 69. Фламенго ќе игра против Сао Пауло, а Интернасионал со Коринтијанс.