Пост празнично пак се фативме за љубов по онаа разочарувачка вечер за еден фудбалер на Евертон. Но оваа е многу поразлична, историска и е пример број 1 за верност. Се случува еднаш на 200 години, па и поретко или да бидеме попрецизни, не се случува пак.
Гај има 23 години и е играч на Оксер, но потоа успева да седне на тренерската клупа преку писмо до претседателот на клубот:
„Ако ми го дадете тоа место, нема да барам премии и ќе се задоволам со плата од 600 франки“.
Претседателот без размислување му ја исполнува желбата на младиот фудбалер и му ги дава клучевите од соблекувална, а тој станува најмлад тренер во историјата на фудбалот.
Оксер во тоа време е дел од регионалните првенства, а со него набрзина успеваат да се квалификуваат во Championnat de France amateur,, четврта лига по ранг. Во тој период Гај се обидува да создаде амбиент во кој ќе доминираат љубовта и верноста кон клубот.
Пред секој тренинг заедно со играчите оди во посета на селаните, работниците во фабриките и обичниот народ за да создаде силна врска меѓу градот и екипата.
Благодарение на овие негови иницијативи, создава позитивна клима и во 1974-та клубот стигнува до втора лига. Пет години подоцна во 1979-та Оксер се најде на сите насловни страни откако успеа да стигне до финалето во Купот на Франција.
„Задоволен сум што загубив, но позадоволен сум што успеав на оваа нација да и покажам дека се роди нов фудбалски клуб во Франција кој порано или подоцна ќе стане шампион. Овие играчи ќе бидат татковци – основачи на еден клуб кој ќе стане историски“, изјави Гај Ру.
Што да се каже за ваков човек? Зборови не се потребни, па затоа ќе преминеме на фактите.
Од тој момент во 1980 година успеа да го однесе клубот во прва лига, потоа освои 4 трофеи во Купот на Франција, а во сезоната 1995/1996 стана шампион на Франција.
Еден од клучните фактори поради кои стигна до овие успеси е стратегијата од која не отстапуваше, а тоа е форсирање на играчи од младинскиот сектор во кој клубот целосно се посвети со работа. Гај немаше пари за купување скапи играчи, туку самиот создаваше таленти.
Дали некои знаете од нив?
Ерик Кантона, Лорен Блан, Жибрил Сисе, Филип Мексес, Тарибо Вест, Жан-Алан Бумсонг, Стефан Далма...
Сите овие ѕвезди се негови деца. Гај Ру стана татко на Оксер на кој му беше тренер од 1961-ва до 2005-та или вкупно 44 години, а претходно 9 години беше нивни играч.
Ваква бајка базирана на искрена љубов и верност кон еден клуб не се повторува, туку ќе остане во аналите на спортот и може да биде само инспирација за снимање филм.