Со најдобар меч во последните десетина години, Шпанија направи Германија да изгледа како последно рангирана селекција на светот. Во последното коло од Лига на нации, „црвената фурија“ одигра неверојатен меч и се пласираше во полуфиналето од овој турнир.
Уште од самиот старт на мечот на „Естадио де Ла Картуха“ во Севиља (изграден во 1999 и ретко користен од тогаш), Шпанците ја притиснаа Германија на која ѝ одговараше и реми за да го сочува првото место.
После 38 минути игра домаќинот веќе водеше со 3-0 (Мората 17', Феран Торес 33', Родри 38') и победникот беше јасен.
До крајот Феран Торес постигна уште два гола за хет-трик, а Микел Ојарзабал стави крај на потопот на Германците - 6:0 во 89' минута.
Мануел Нојер (34) нема по добро да го памти 754. меч во кариерата.
ЗАНИМЛИВОСТИ:
- Ова е највисок пораз на Германија на официјални натпревари. Претходно на Светско првенство 1954 изгубиле 8:3 од Унгарија и на 0:6 на пријателска со Австрија во Берлин 1931.
- Германците го доживеаа првиот пораз после повеќе од 1 година. Во септември 2019-та последен пат беа совладани од Холандија (4:2). Од тој момент селекцијата на Јоаким Лев не изгуби на 12 меча - 7 победи и 5 нерешени. Првпат после 3 ипол години Германија изгуби со повеќе од 2 гола разлика. Во октомври 2018-та Холандија им даде три гола.
- Мануел Нојер првпат во својата кариера 6 пати ја вадеше топката од својата мрежа.
- Германците примија три гола во прво полувреме на официјален меч првпат после цели 62 години. На Мундијалот 1958-ма од Франција во дуел за трето место изгубиле 6:3, на полувреме било 3:1 за Французите.
- Мануел Нојер го играше 96. меч за „Национал-мајншафт“ и го премина Сеп Мајер на вечната листа. Голманот на Баерн Минхен првпат во кариерата прими 6 гола на еден меч.
- Интересно е што Шпанија на последните 5 меча постигна само 3 гола и се мачеа со ефикасност. Синоќа во 89 минути дадоа 6.
- Играч на мечот беше Феран Торес (Манчестер Сити) кој стана прв фудбалер од 2001 година кој постигнал хет-трик против Германија. Претходно Мајкл Овен постигна на меч со Германците во Минхен (1:5).
- Шпанија постигна 30 погодоци, а не прими ниеден на последните 7 меча: 7:0 со Малта, 6:0 со Германија, 5:0 со Романија, 4:0 со Украина и Фарски Острови, 3:0 со Шведска и 1:0 со Швајцарија.
- Феран Торес воедно е и најмлад Шпанец кој постигнал 2 гола од октомври 2005-та година (Феран има 20 години и 262 дена) а рекордот и натаму го држи капитенот Серхио Рамос кој на 19 години и 196 дена постигнал 2 гола за Шпанија на 1 меч.
- Германија примила 6 гола и на 3 други меча низ историјата, но тогаш и тие постигнале по некој погодок.
- Најтежок пораз на домашно тло им бил во Берлин 1931 од Австрија кога примиле 6 гола.
- Алваро Мората е 13. играч на Шпанија кој постигнал гол во Лига на нации. Во ниту една друга селекција нема таква разновидност кај стрелците.
Шпанија влезе во полуфинале на Лига на нации, а Германија која беше прва на крајот завршува како втора и останува во првата дивизија.
Јоаким Лев, очекувано, после мечот го прашаа она што редовно го прашуваат: зошто не се викаат Милер, Боатенг и Хумелс, но селекторот рекол дека верува дека репрезентацијата е на добар пат.
Дали ова е прав пат ќе покаже времето.