Две критични пораки на Инстаграм, потоа избришани, го вклучиле алармот и неколку часа подоцна колумбиската јавност дознала за веста дека Фарид Мондрагон, поранешниот голман на оваа земја и најстариот играч што воопшто настапил на едно СП (2014-та во Бразил на 43 години и така го престигна Роже Мила) бил примен во болницата Вале дел Лили во Кали откако се обидел да се самоубие.
Првиот медицински извештај говори дека поранешниот голман на Реал Сарагоса, Галатасарај и Мец е во добра состојба, но и натаму под лекарско набљудување, а докторите не објавиле кога ќе го пуштат.
Фарид Мондрагон, откако се повлекол од фудбалот и станал ценет телевизиски коментатор во Колумбија (има околу 380.000 следбеници на социјалните мрежи), на Инстаграм објавил фотографија со најблиското семејство, насмеан и потврдил дека се опоравува по „падот на имунитетот минатата ноќ“. Мондрагон им се заблагодарува и на сите оние кои му праќале пораки за поддршка од целиот свет.
Иако сè уште нема никаква потврда од страна на семејството дека станува збор за обид за самоубиство, како што пишаа колумбиските портали, таквата можност е поврзана со пораките преку кои се гледа дека проаѓал низ тежок период:
„Никој не ги гледа твоите солзи, никој не ја забележува твојата тага и твојата болка, но сите се спремни да покажат со прст кон тебе“, пишал во првиот пост на социјалните мрежи пред извесно време.
Во втората објавена порака пишува:
„Сам ќе донесам пресуда за мојот живот, затоа што ги имам многу што ме судат и осудуваат без да ми дадат прилика да се бранам“.