Барселона синоќа беше во многу тесно. Прво донесе официјална одлука за откажување на првенствениот натпревар против Лас Палмас, но потоа притисната од Фудбалската федерација која се закани со санкции, реши да ја смени одлуката.
Каталонците излегуваа масовно на гласање во обид преку референдум да му донесат независност на својот регион и сето тоа помина тензично со многу инциденти и судири со полицијата.
Семејство од Австралија уште пред три месеци имале купено билети за мечот меѓу Барселона и Лас Палмас и ни криви ни должни извисија и ја направија најлошата туристичка слика од Камп Ноу, пред затворени врати.
И да беше само тоа. Главната цел на нивното патување било нивниот син да се запознае со неговиот идол. Арно ама идолот му се вика Нејмар и во меѓувреме стана играч на ПСЖ.
Утеха за несреќниве Австралијци нема. Имаат две комплицирани опции, но за тоа треба да не се враќаат дома уште две недели. На 14-ти октомври во домашното првенство играат и Барса и ПСЖ.
Ако сакаат да ги гледаат Каталонците треба да патуваат до Мадрид 625 километри бидејќи Барса му гостува на Атлетико. Ако малиот запне за Нејмар, тогаш го чека пат од 850 километри до Дижон каде гостува ПСЖ.