Најголемиот номад меѓу фудбалерите влезе во гинис

Уругвајскиот напаѓач Себастијан Абреу очигледно е најненаиграниот фудбалер на планетава и човек кој ако може ќе заигра во сите клубови што постојат. Игра од времето на Франко Барези, генерација е со Неста, Роналдо и Шевченко и само што потпиша нов договор.

Абреу (41) познат под прекарот Ел Локо стана носител на гинисовиот рекорд како играч со најголем број на тимови за кои настапувал, откако потпиша за чилеанскиот клуб Аудакс Италијано.
 
За него тоа е екипа број 26 во кариерата со што го надмина легендарниот голман Луц Фаненштил, кој бранеше за 25 клубови. Тулио Маравила од Бразил има играно за скоро 30 екипи, но не се сите од нив професионални.
„Аудак Италијано ќе биде мојот следен клуб во 2018-та, кој ќе биде дел од првенството, Купот на Чиле и Копа Судамерикана“, напиша Абреу на Твитер.
Тој не само што го сруши светскиот рекорд кој го држеше со Луц по број на клубови за кој ставил потпис, туку кога ќе настапи на Копа Судамерикана следната година, ќе стигне до рекордни 17 учества на ова јужноамериканско натпреварување.

Неговиот 25-ти клуб во кариерата беше Депортерс Пуерто Монт во Б дивизијата во Чиле за кој постигна 11 голови, а неговата бескрајна фудбалска авантура почна во 1994-та година во Дефенсор Спортинг од Уругвај.
 
Екипите за кои го има облечено дресот не се добројуваат. Играше за Национал (Уругвај) за кој инаку навива, Депортиво Ла Коруња (Шпанија), Сан Лоренцо и Ривер Плејт (Аргентина), Текос, Америка, Круз Азул и Тигрес (Мексико), Аукас (Еквадор), Бејтар Ерусалим (Израел), Ботафого и Наги (Бразил), Сол де Америка (Парагвај), Санта Текла (Ел Салвадор), Пуерто Монт и сега Аудак Италијано (Чиле).
 
Се работи за доста прошетан фудбалер кој настапувал во 11 земји и со над 400 голови во досегашната 23 годишна кариера.

Абреу со Уругвај има играно и на два Мундијали: Јапонија и Јужна Кореја 2002 и Јужна Африка 2010, како и три пати во Копа Америка која ја освои во 2011-та.
 
Да шутираш паненка во пенал серија на четвртфинале на Светско првенство, нормално дека ќе те викаат „Луд“. Тоа му успеа против Гана на Мундијалот во 2010-та кога ја однесе својата земја во полуфинале.

27 декември 2017 - 14:34