Се оствари тоа што се најавуваше, а ден пред да биде донесена официјалната одлука на УЕФА за тоа дали Скопје ќе го пречека европскиот фудбалски крем, потврда стигна од рускиот министер за спорт.
Европската фудбалска унија веќе неколку пати прати свои делегации во посета на Филип Втори Арената, каде ќе се одигра европскиот Супер куп. Целта на УЕФА, како што најави Мишел Платини е да го развие фудбалот во земјите од овој дел на Европа, а Скопје беше еден од кандидатите за организација на Супер купот на Европа. Според првичните информации, луѓето од УЕФА имале замерки на безбедноста во ВИП ложите на Филип Втори Арената, како и на недоволниот број на паркинг места околу стадионот.
Сепак, тоа не би требало да биде проблем нашиот главен град да биде домаќин на најголемиот фудбалски настан на крајот од летото во 2017. година. Во август Барселона како освојувач на ЛШ и Севиља која триумфираше во Лигата на Европа ќе играат во Тбилиси (Грузија). Дуелот од Супер купот следната година ќе се игра во Трондхајм (Норвешка).
Пред дуелот од Супер купот во Скопје, финалето на ЛШ во 2017. ќе се одигра во Кардиф а финалето од Лигата на Европа ќе се одржи во Стокхолм.
Филип Втори Арената има капацитет од 32.500 седишта, но според правилата на УЕФА, 10% од капацитетот се намалува за натпревари од ваков тип, пред се поради безбедноста на ВИП ложите и местата предвидени за новинари. Поради реципроцитетот на влезници за двете екипи, домашната публика би требало на располагање да има околу 12.000 карти. Цената на влезниците за овогодинешниот Супер куп во Тбилиси се движи од 7 до 30 евра, во зависност од категориите.