Францускиот весник „Le Parisien“ излезе со неверојатен, па ако сакате и шокантен наслов дека Мбапе во ПСЖ има потпишано договор кој тежи преку 600 милиони евра.
Тврдат дека тој е најплатен спортист во светот, а целта на клубот била да најде начин како да да го задржи.
Се работи за тригодишен договор (2022-2025), во кој според деталите, Мбапе само од плата ќе заработува 72 милиони евра годишно.
Во договорот нема бонуси поврзани со настапите односно ефикасноста како што обично е пракса, туку дека тој има други два досега невидени бонуси.
Првиот е бонус само за неговиот потпис вреден 180 милиони евра, пари кои ќе ги добие на три рати, а вториот бонус за лојалност кој ќе се исплаќа на крајот од секој преоден рок и кој ќе расте по 10 милиони.
Тоа значи дека за првата година ќе добие 70, за втората 80, а доколку остане и третата година би добил уште 90 милиони евра.
„Le Parisien“ пишува дека Мбапе на крај би заработил 630 милиони евра.
Најблиску до него со овие суми е Меси кој за последниот четиригодишен договор во Барселона заработил 555 милиони евра.
Од третата позиција на Нејмар па надолу договорите се по минимум три пати помали од овие чудесни суми за Мбапе.
И покрај тоа што обично странските клубови не ги кријат платите на фудбалерите, ПСЖ не соопштува како изгледа договорот на Мбапе, туку само го демантираше францускиот медиум со најава дека ќе го тужи.
Парижаните водат политика која потсеќа на македонските клубови кои при трансфер на фудбалер, никогаш официјално не се изјаснуваат за сумата или платата, како да е тоа државна тајна.
Затоа сè се сведува на чаршиски муабет, па така на пример во време на Самсоненко во ФК Вардар, се зборуваше дека поистакнатите фудбалери имале месечна плата од 10 до 15 илјади евра месечно.
Инаку со сумите за договорите се појавуваат и многу шпекулации како што се големи шансите да биде и овој за Мбапе, кој го демантираат од неговиот клуб.
Кога во 2007-ма, Дејвид Бекам направи трансфер од Реал Мадрид во Лос Анџелес Галакси, за прв пат се појави договор, дотогаш невиден во фудбалот.
Насловите во еден куп светски медиуми грмеа дека големата англиска ѕвезда заминува во САД за 5 годишен договор од 250 милиони долари.
Се испостави дека тоа било ПР трик на неговата менаџерска агенција за да се добие поголем медиумски ефект.
Тоа беше всушност потенцијата сума која Бекам би ја заработил од сите извори на приходи, меѓу кои и рекламите. Договорот само од плата во Галакси му изнесуваше 6,5 милиони долари годишно или 32,5 милиони за 5 години.
Кога сме кај договори на фудбалери, еве една пикантерија од нас од прва рака, односно од покоен Ацо Закоски Гризли, кој ни ја кажа брзо пред да почине во 2020-та.
Кога тој бил спортски директор во Вардар пред околу 20 години, не само што ги плаќале добро фудбалерите, туку им давале и бонуси за освоени бодови.
За да ги мотивираат играчите кои биле важни за тимот, им давале и станови, како на пример Александар Васовски и Влатче Гроздановски кои имаат од ФК Вардар добиено по еден стан во Скопје.