ЖУЛИО ЦЕЗАР
Поранешниот голман на Интер има 35 години, а во сегашниот клуб Бенфика собра 180 минути на голот, пред да биде заменет од сонародникот Артур. Проблемите со повредите го принудија Цезар да не брани во препознатливата форма, со која го одведе Интер до три титули во една сезона (2009/2010).
По седум години прв голман на Интер, Жулио Цезар замина во Англија, каде бранеше во КПР кој испадна па се врати во Премиер лигата. Следуваше преселба во Торонто каде ја одржуваше формата пред почетокот на СП и потоа замина во Бенфика. Со конкурентскиот голман Артур, Жулио Цезар има одлични односи, а по ситната повреда на првиот, Цезар застана на голот против Зенит.
Во меѓувреме, Жулио Цезар го загуби и статусот репрезентативен голман, затоа што Џеферсон од Ботафого е прв избор на Дунга.
МЕМО ОЧОА
По бравурите во Бразил, мексиканскиот голман беше мета на Арсенал, Јувентус и Реал Мадрид, но откако му заврши договорот со Ајачио, Очоа потпиша со Малага.
„Дојдов да ја испишам историјата“, изјави Очоа на претставувањето во шпанскиот клуб, во кој дојде после 72 примени гола во француската лига.
Грешката во пријателскиот дуел против Фиорентина кога прими гол го чинеше Очоа првотимски статус. На голот е Камерунецот Идриз Камени кој има 4-годишен договор со клубот, во кој е веќе 2 сезони.
„Не сум овде да бранам само во Кралскиот куп. Сакам да бидам прв голман и во првенството“, се жалеше Очоа, кој можеби ќе замине од Малага во јануари.
ДАВИД ОСПИНА
Колумбиецот заедно со Хамез Родригез е најзаслужен што репрезентацијата на оваа земја беше пријатно изненадување на Светското првенство, по што Арсен Венгер одлучи да ја засили голманската позиција во Арсенал.
„Не сум близок со Оспина и нема лесно да се откажам од единицата во Арсенал“, изјави Војчех Шчешњи, Полјакот кој лани ја подели наградата најдобар голман во Англија со Петр Чех.
СЕРХИО РОМЕРО
Со Аргентина стигна до финалето на СП во Бразил и сметаше на сигурно место во Сампдорија. По враќањето од позајмица во Монако (само 3 настапи), Ромеро го загуби местото на голот кое го доби Емилиано Вивијано.
„Сакам да заминам, се надевам веќе во јануари“, изјави Ромеро веднаш по саботниот дуел меѓу Аргентина и Бразил во САД.
Бенфика се споменува како негов иден клуб, но платата на Ромеро била пречка за евентуалниот трансфер.
КЕЈЛОР НАВАС
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез лично инсистираше на неговиот потпис, сè со цел да им изврши притисок на Икер Касиљас и Диего Лопез (позајмен во Милан). Костариканецот досега само еднаш го бранеше голот на „кралевите“, но во каква форма е Икер Касиљас, можно е во најскоро време да стане прв голман на Реал Мадрид.
Во секој случај, Кејлор Навас има заработувачка од 100 илјади евра месечно, така што и не му паѓа тешко што редовно е на клупата за резерви.