На Левандовски му викале дека е мал и слаб за фудбал

За слабиот физикус на Пољакот зборува неговиот прв тренер, но Левандовски се заинатил и тренирал по 6 часа на ден. Денеска тој е сопственик на четири рекорди во Бундеслигата за кои доби четири признанија од Гинис.

Приказната за напаѓачот на Баерн Минхен почнува во 1997 година на терените во Варшава каде талентот на една група од 9 годишни деца го оценувал Кристоф Сикорски.

„Оваа професија ја работам од 1973 година, а Роберт беше најдобриот кој сум го имал. Тој секогаш велеше дека ќе стигне до репрезентација, а јас не бев убеден. Знаев дека ќе стигне до првата лига во Полска, но не мислев дека ќе стане до толку добар. Кога дојдоа децата тој беше најмал и најслаб, а нозете му беа како чечкалици. Го тренирав 7 години и дури во 2004 година порасна и малку се разви. Најлудата работа е тоа што топката секогаш го бараше него. Беше мал и слаб, а во една сезона даде 79 гола“, вели неговиот прв тренер.

За него зборува и спортскиот директор на Варшава од тоа време.

„Го запознав кога имаше 12 години. Беше слаб, премногу слаб, но секогаш имаше инстинкт пред гол и технички се разликуваше од другите. Татко му доаѓаше секој ден со него на тренинг. Живееа во еден град на 20 км од Варшава и не пропуштаа ни еден тренинг. Неговиот татко беше претседател на еден друг клуб, но знаеше дека нашиот клуб беше подобар за развојот на Роберт. Тоа ги покажува амбициите за неговото дете, вели Марек Кривики“

На оваа тема зборува и самиот Роберт во рекламата за брендот Huawei кој го назначи за Амбасадор во Централна и Источна Европа, балтичките земји и Скандинавија.

Тој до сега сезонава стигна до 19 гола на 19 меча на сите натпреварувања, а во Бундеслигата има 14 гола на 13 меча. Најдобар стрелец е на скоро завршените квалификации за ЕП 2016 со 13 погодоци на 10 меча.

За најбрзиот хет-трик, најбрзите 4 голови, најбрзите 5 голови, како и прв фудбалер кој постигнал 5 гола откако влегол од клупата за резерви, Гинис денеска му ги предаде четирите признанија.

1 декември 2015 - 15:02