Ставете се во кожата на навивачите на Хал Сити за да сфатите дека фудбалската радост по кусо време може да се претвори во циркуз и аматеризам кој се случува дури и во Премиер лигата.
На 28 мај славеа пласман во Премиер лигата откако во плејофот беа подобри од Шефилд, а сега по нешто повеќе од два месеци се на бандаж. Хал Сити има 13 играчи и двајца голмани на само четири дена до стартот на Премиер лигата.
Згора на се го немаат ниту Стив Брус, тренерот кој во 4 години втор пат ги врати во елитата, а се избори и за историско финале во ФА купот против Арсенал. Останаа и без Мохамед Диаме, стрелецот на решавачкиот гол за пласман во Премиер лигата кој замина во Њукасл за околу 6 милиони евра.
Ситуацијата во Хал е парадоксална. Покрај фудбалерите кои беа продадени, повредени се Алан Мекгрегор, Алекс Брус, Мосес Одубајо и капитенот Мајкл Досон. На досегашниот летен период за трансфери не купија ниту еден играч.
Летните подготовки во Австрија им беа трагикомични бидејќи ги одржаа со 9 фудбалери. И покрај сите проблеми со кои се соочуваат, пред 4 дена одиграа пријателски меч против Торино на Михајловиќ кој го загубија со 2:1.
На клупа седеше Мајк Пелан, асистентот на Стив Брус кој требаше да биде моментално решение, но за сега тој останува да им биде тренер. По мечот Михајловиќ се жалел дека му требаат засилувања, а што да каже Мајк.
Голот против Торино го постигна Уругваецот Абел Хернандес кој играше во Палермо и освен него на располагање за првиот меч во сабота против Лестер се уште и: Андреј Робертсон, Роберт Снодграс, Том Хадлсон, Сем Клукас, АдамаДиоманде, Дејвид Мејлер, Џејк Ливермор, Куртис Дејвис, АхмедЕлмохамади, Душан Куциак, Елдин Јакуповиќ, Брајан Ленихан, Хери Магуаер e Шон Малоуни. Сите овие беа дел од тимот во Чемпионшип.
Зад овој нетипичен проблем за клуб од Премиер лигата веројатно се крие бесот на претседателот Асем Алам кој веќе некое време сака да го продаде Хал, бидејќи ФА му забрани да го промени името од Хал Сити во Хал Тајгерс.
Тимот на Хал вреди помалку од половина од трансферот на Погба.